силата за простување
се зголемува секогаш
кога ми го враќаш допирот
во можноста со тебе
да топлам кревет за деца
ги гледам сите реки на небото
во собата кај што го пишувам ова
сите гоблени се отпревртени
освен еден
на него момче
дарува девојче
со ружа
сигруно можеш
подобро од мене
да го објасниш исклучокот
*
твојот допир со утринското кафе
твоите колена на тепихот
дури бараш скината петлица
од минатата ноќ
првите информации од сонцето
на твоето лице
капките вода
што само надолу
го мерат твојот грб
минутите кога размислуваш
како да избегнеш гужва во градот
зголемувањето на аголот
под кој влакненцата што ти ја сечат кожата
дури зборуваме голи на покривот
она кога се будиш до мене
и одма отвораш музичка кутија
полна со преданија
од песнопојни птици
моментот кога прво што гледам
е твојата насмевка на моето раме
такви мали слики
ги потполнуваат празнините
меѓу умот и желбите
ритамот на животот
во малите нешта се крие
*
земи ги сите асоцијации на среќата
стави ги желбите во очите
спреми ги крилата за полетување
и тивко разбуди се од умот
не ја облекувај неговата маска
и само со срце појави се на планина
како дрвата што ја спасуваат сенката
спаси ја другата страна од доброто
верувај ми дека во неа има победи
врисокот на среќните од таму почнува
болките имаат свој корен таму
слободата од неа
во слобода вечна се претвора
сакам да го запамтиш тоа
и да ми помогнеш да ти покажам
како љубовта твоја
е најдобар простор
за целокупното здравје
на живиот свет
и се е живо
*
пишувањето е лековито
а во тоа се сомневав
и тогаш се појави ти
истовремено те имаше
и надвор од мечта
и на крајот од мојот хороскоп
без тебе
немав нагон за летање
без тебе
ме разболуваше секоја мисла
со која ги потискав дамките под неа
и во бакнежите од комарците
гледав смрт и крај на светот
без тебе се плашев од сонцето
во сенката го барав мирот
немав волја да барам нови бои
и во нив да го сакам светот
и тогаш се појави ти
те носеа стихови
како златни кочии
и слушнав глас
ми шепоти идеи
да не слушне умот
и од тогаш почнувам
да пишувам за тебе
од тогаш се претворам
во она што треба да бидам
според волјата на ѕвездите
човек што прави печатни грешки
дури повремено пишува
за првиот чекор пред љубовта
*
најлесно ми е
за тебе да пишувам
лазиш зад тоновите
на моите омилени балади
и ноќите не успеваат
да ти го скинат лицето од мене
како сите извори на уметноста
да се венчале со твојата убавина
се појавуваш како идеја
во се што ќе помислам
во се што ќе мириснам
најлесно ми е
за тебе да пишувам
доволно е
да се поткренам со духот над кожата
и секоја пеперутка што ќе прелета во близина
во легенда за тебе можам да ја претворам
не ми се потребни минути
не одам во минатото по искуство
нуту во иднината по задоволство
тука сум во сегашноста
се отворам за неа
и таа се ми кажува за тебе
понекогаш
кога сум расположен за крварење
доволно ми е да се потсетам
на два твои чекори
и сите далечини ми се мали
и од нив можам украси да правам
и сите ненапишани книги
да ги украсам некако со тебе
најлесно ми е
за тебе да пишувам
*
таму некои млади рокери
се трудат да ја наполнат
атмосферата со бунт
рибите во езерото
чекаат од некој маж
да им даде улога во бајка
спремни се да му помогнат
да му се оствари желбата
да ја пронајде љубовта
сонцето слегува да им го чува грбот
на планините во ноќта
слушам чукања
на пивски шишиња
друштвата почнуваат
новата музика да ја слават
јас барам школки на плажата
сам сум и мислам на тебе
сум слушнал некаде
со мислите можеш
да го привлечеш посакуваното
најдувам школка и во неа бисер
го вадам и во истиот момент
се појавуваш ти боса на песокот
си тргнала да го бараш
бисерот од накитот
што си го изгубила
пред илјада години
природата посакала
јас да го пронајдам
и одма да ти го вратам
*
во нејзиното постоење
пронајдов упатства
за терапија со зборови
таму се нишаа тајни
за вистината и лагата
во пишаните дела
се сеќавам научив
што ги дели писателите
на оние со слава
и на оние со вечна слава
ако сакаш да пишуваш
немој да го правиш тоа
со верување дека пред тебе има
уште многу години
на кои ќе собираш награди
и признанија за твоето дело
таквото творештво
мириса на трговија
а мирисот на трговија
не е пријатен
во храна за светиот дух
ако сакаш да пишуваш
пишувај како да го пишуваш
својот последен стих
како да нема минато
како да нема сегашност
како тој еден стих
да е се што имаш на светот
и како да не постои друга врска
освен онаа што ја воспоставуваш
измеѓу твоето срце и зборовите
што ги цедиш од него
ако не пишуваш себично
само за љубовта и за ништо друго
ако се обидеш да им се допаднеш
на оние што не те познаваат
само првите десет поколенија
од твојата фамилија
ќе те памтат
а тоа е малку за човек
што се посветил на света работа
пишување
научив од неа
што е тоа
*
кога се сомневаш
во твојот талент
и понатаму го имаш
кога се сомневаш
во твоето здравје
и понатаму го имаш
тоа го запамтив во деновите
кога се допиравме танко
со последните пипци
од нашите внатрешни тела
на површина личевме
на две санти мраз
во судар што пловат
а долу под зборовите
тоа беше еден оган
на два пола поделен
запален да се соедини
ми се чини светот се разбуди
и почна да ги буди своите комшии
да ги видат првите тајни пораки за тебе
тие денови ќе ги памтам
како денови кога се двоумев
измеѓу двете усти во мене
но се е минливо
и само љубовта останува
да лекува луѓе
а јас тогаш те засакував
*
кога успеваа да ме убедат
дека ништо ново не може да се роди
дека сите јадења се измислени
и сите книги за роботи напишани
кога на секој чекор гледав забрани
да се верува во чуда
да се верува во уметност
што буди затвореници
кога се беше шарено ама исто
и кога сите забораваа лесно
дека боите се само дел од шаренилото
кога беше прифатливо
да се следат и тепаат жени
и на нив да се истура
отпадот од историјата
кога овој свет
од стравот црпеше гориво
за сопственото напредно уништување
кога се помалку беше важно
дали е ден или ноќ
и кога почнаа да те мерат
со електронски импулси
пукна сијалицата над главата
и настана апсолутна тишина
и тогаш се појави ти
да ми докажеш
дека се е возможно
па и да се спаси
светот
*