Замира
А што е со моето лице ? Се сеќавам порано, на почетокот од нашиот мост, се враќав дома од изложба преку две пивници и една бурекџилница, и кога стасав до креветот дома, ми стигна твоја порака: мислам дека на лицето те имам засакано – таква порака ми имаше испратено ?
*
Кирил
твоето лице има мапа како лицето од мајка ми
кога ти го гледам
ми се отклучуваат вратите од детството
и почнувам да те сакам
со првата љубов со која го засакав светот
(после тоа го отсакав, па повторно го засакав,
и така наизменично го љубев и мразев,
но тоа не е важно за убавината што ја бараме)
твоето лице има мапа како лицето од мајка ми
а тоа е во рангот на светица
доволно е да ти го пуштам лицето
низ мисливе да протечи за секунда
и после тоа сум поздрав
посилен и посвеж
*
Замира
Не мисли дека немам доволно развиен капацитет на толерантна способност, за да разберам дека секое машко суштество живее на сите женски лица на светот одеднаш. Го разбирам јас тоа, исто е со жените, лицата се инспирација за очите и таа реалност не смее никој да ја загрзоува. Но сепак, како женско битие, сакам да знам, дали моето лице ти е исто важно како лицето од некое друго сродно женско битие со тебе? Знам дека љубовта не се мери, но ете, сакам да ми одговориш ако не е проблем, нека биде и невистина, нема да се бунам ?
*
Кирил
точно е
ги сакам сите женски лица во просторот
но само твето не прастанувам да го сакам
само твоето лице го гледам пред да го видам
и знам каде и кога ќе те сретнам
како ќе бидеш облечена во таа прилика
и со кои изговори си наоружана
за да ме избегнеш ако ти пријдам
ти ги гледам чекорите
уште пред да ги направиш
ти ѕиркам во сонот
не знам како имам заслужено дозвола од космосот
да му го пречекорам времето и да ти ѕиркам во сонот
но тоа е вистина, само што не можам да ја објаснам
ако сакаш детали прашај го него
космосот
просторот
бог
силата
енергијата
ветрот
сонцето
истокот
западот
центарот
како ти е мило
така наречи го
*
Замира
Имам прашања и на таа тема, тоа со духовноста и со творецот и со материјата, се е тоа нешто што живо ме интересира, ќе дојдеме до таму. Само пред тоа, има нешто што многу повеќе ме интересира. Само пред да ти ги покажам прашањето, ќе ти кажам дека можеби го имам одговорот за ова прашање, но ете и покрај тоа, сакам да чујам од тебе. Зошто чувствуваш дека сум наоружана со изгвори да те одбијам ако ми пријдеш ?
*
Кирил
сети се на свадбата кај мојот најдобар другар
повеќе време сум поминал со него
отколку со татко ми и баба ми заедно
сети се на свадбата кај мојот најдобар другар
јас носам оган по цела душа
горам во очите од радост
носам во вените вино
и не барам ништо во салата
и те најдувам тебе пред мене
сети се на свадбата кај мојот најдобар другар
никогаш никој не ја носел со таква светлина
црната боја на себе
сети се на свадбата кај мојот најдобар другар
ти го засакав телото како леб
не можев да си ги вратам очите во главата
ништо не можев да си врзам на кичмава
се беше тргнало по тебе
и кристалите во срцето
и атомите во нив
сети се на свадбата кај мојот најдобар другар
за прв пат во живо
во сега и овде од времето
ги видов твоите колена
и погледот го качив нагоре по нив
и после тоа не можев да се одбранам од себе
сети се на свадбата кај мојот најдобар другар
ти пријдов пред твоите спасители
и чесно без ружа, но исправен
ти побарав неколку капки од животот
и добив точка
а очекував
барем запирка
*
Замира
Знаев! Знаев дека ќе зборуваш за свадбата. Знаев дека ти е проблем да го отпуштиш тоа од умот, мислам на чинот кога наводно сум те одбила, иначе цела преостаната вечер беше прилично волшебна во космички рамки. Не знам зошто не можеш да разбереш дека во некои прилики некое женско НЕ е само ангел чувар за она што може да се роди измеѓу двајца потенцијални пријатели. Не знам што сакаш повеќе од таа ноќ ? Те гледав, ме гледаше, се разминувавме, на исто оро се држевме малку, пошто ти не сакаш да играш ора, иначе ќе беше подолго на исто струјно коло со мене, а освен тоа се насмеавме итро еден на друг, се почувствувавме и од внатре ми се чини, се беше совршен склад. Не знам зошто не разбереш дека се е таман. Прерано беше јас и ти да бидеме насамо, не беше спремен светот за нова меѓучовечка планета во сончевиот систем. Не знам повеќе што мислам за сето тоа, подобро да прекинам, важно е само да знаеш дека после свадбата имав желба повторно да те сретнам. Дали беше истата желба и кај тебе?
*
Кирил
сошив книга и во неа ја ставив свадбата
во нешто напишано те легнав да спиеш
и те оставив таму да ме одбиваш
далеку од овој свет што мостува
измеѓу тебе и мене деноноќно
свадбата е минато
не живеам таму
свадбата е мојот патоказ до изворот
и никогаш не била мој затвор
свадбата ми покажа
што може да ме храни
кога градам нови светови
на свадбата научив
некаде длабоко во твоето постоење
живее секој дел што им недостасува на моите дела
и после тоа бев најсреќен изгубен човек
те пуштив во твоја соба низ мене
и постепено се смирив
почнав да ги пишувам сите песни во еден ден
и редовно премолчував пред сите
ако сакаше некој да дознае
од каде наоѓам идеи за сите тие лица на љубовта
никогаш пред никого не спомнав
дека се доаѓа од тебе
преку интелигенцијата со која е преполн просторот
и во која упорно верувам во сите прилики и неприлики
*
Замира
Не ми е сеедно така кога ми кажуваш за мојата улога во твоето творештво. Не ми е сеедно да чујам дека сум нечија инспирација. Истовремено ми е тоа и нешто најглупаво и нешто најубаво, ме шити и ме стеснува во исто време, чудно чувство необично силно се шири низ мене од такви зборови. Не знам дали сакам да бидам само твоја инспирација или нешто што ги надминува границите измеѓу телата. Кога те слушам како зборуваш за мене, се фаќам како потонувам во себе за да проверам дали навистина ги има тие златни реки низ моите вени што течат, за кои пишуваш. Премногу убавини гледаш во мене, се плашам дека сум премногу идеална во твојот свет. Зарем не се плашиш од тоа дека можеби не сум она за што ме сметаш ?
*
Кирил
и кога се оддалечуваш од мене
јас се доближувам до себе
еднаш да те пуштам како мисла
да ми се прошеташ зад очите
и по тебе дрво на идеи никнува
во пределот низ мојот ум цвета
твоите маски ми ја топат шминката
кога мислам на тебе
крвта ми се претвора во пердуви
и ми растат крила на желбите
лесно ми е да го прочитам датумот на небото
за секоја наша наредна случајна средба
лесно ми е да те пронајдам во сите измислени светови
во кои цртам зеленило и вода полна со плави риби за себе
лесно ми е да те сакам цела и од внатре и од надвор
во тебе не гледам ништо
во тебе наоаѓам простор за себе
неограничен претопол простор
за кој ти често не знаеш дека е жив
но тоа не е важно
*