Состаноците со младите се одржуваа со цел да се соберат информации за младинските потреби за информирање во средношколските заедници, односно кои информации им се достапни и до каков тип на информации сакаат да имаат повеќе пристап. На состаноците се разговараше кои од информациите би им биле подостапни, како и за тоа кои извори за информирање ги користеле до сега, каква поддршка добиваат за информирање од страна на училишните служби, локалните власти или други организации.
Воедно, младите имаа можност и подетално да се запознаат со работата на невладините организации и младинските информативни центри, кои можности ги нудат тие за младите и кој е нивниот бенефит од активностите што се спроведуваат.
Овие настани ги оценуваме како позитивни и ефективни, и сметаме дека основната идеја да се покрене свеста за потребата од објективно младинско информирање, успешно почнуваме да ја реализираме.
Кампањата „Право на младинско информирање – Информирај се СЕГА!“ ја спроведуваат Младинските Информативни и Советодавни центри ИНФО СЕГА од Прилеп и Кавадарци, а во соработка со Агенција за млади и спорт, Коалиција СЕГА и други невладини организации.
Кампањата „Право на младинско информирање – Информирај се СЕГА!“ се реализира со поддршка на Програмата за децентрализирана соработка помеѓу Република Македонија и Регионот од Долна Нормандија од Франција.