Овој настан е соработка помеѓу Агенцијата за млади и спорт, Коалицијата на младински организации СЕГА и ФИНКИ како дел од Националната кампања Информирај се СЕГА!“ која има за цел да им овозможи на младите луѓе безбедно да дојдат до квалитетни интернет информации кои им се потребни, и да бидат целосно описменети како дигитални учесници во денешното информатичко општество. Во следново интерјвју ке дознаеме нешто повеќе за победникот на натпреварот Јане Џумеркоски.
ИНФО СЕГА: Кажи ми нешто повеќе за себе?
ЈАНЕ: Дипломец сум на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство. Факултет каде што ја стекнав целата основа за моето техничко знаење. Ова знаење моментално го надоградувам како дел од тимот на Инсајд Девелопмент. За време на студентските денови, како член на студентската организација ИАЕСТЕ Македонија, успеав да ги зацврстам моите комуникациски, презентациски и продавачки вештини кои се од непроценливо значење за понатамошниот развој и кариера на секој студент и како личност и како професионалец.
ИНФО СЕГА: Кои се твоите интереси и хоби, настрана од твојата професија?
ЈАНЕ:Сакам да патувам. Овие искуства ги преточувам во слики и видеа. Дел од нив ги споделувам, дел ги зачувувам за себе. Сакам да запознавам нови култури, да истражувам несекојдневни места и да стекнувам нови пријателства. Сметам дека сето ова претставува богатство кое не можеме да го изгубиме.
ИНФО СЕГА: Зошто ја избра оваа професија ?
ЈАНЕ:Ти дава слобода. Слободата е супер. Софтверот се испреплетува со уште многу други области. Така и креативноста доаѓа многу повеќе до израз.
ИНФО СЕГА: Може накратко да го објасниш процесот на создавање апликација ?
ЈАНЕ:Најпрво се започнува со идеја. Седнуваш и работиш се додека не ја исцрпиш идејата во целост. Излегуваш, го споделуваш направеното и преку фидбекот од околината добиваш нови идеи на кои продолжуваш да работиш. Тоа е верижен процес кој во зависност од апликацијата знае и да не заврши.
ИНФО СЕГА: Каде ја најде инспирацијата за создавање на апликацијата?
ЈАНЕ:Во експериментирање со нова технологија. Претходно имам искуство со создавање на native апликации (апликации пишувани во платформски специфичен програмски јазик), па решив да видам кои се можностите на хибридните апликации (веб апликации кои со помош на плагини се претвораат во мобилни апликации). Овој предизвик се вклопуваше совршено со овој експеримент.
ИНФО СЕГА: Како планираш да ја искористиш добиената награда од агенцијата за млади и спорт?
ЈАНЕ:На некое ново патување.
ИНФО СЕГА: Кои се твоите очекувања од апп? Постојат многу огласи за обуки, стипендии, пракси и вработувања за студентите и младите. Многу често овие можности ги пропуштаме поради неинформираност. Оваа апликација го решава тој проблем. Апликацијата е супер.
ИНФО СЕГА: Каде се гледаш себе си по завршувањето на студиите ?
ЈАНЕ: Во постојана потрага по нови искуства и предизвици.