И покрај позитивата од 18, осумнаесетте погодени тројки, и фантастичните 39 поени на неверојатниот Матија Чешковиќ, Фени во Тивот ќе патува со позитива од само три поени, 100-97, пред се поради очајно лошата одбрана на тимот чија главна одлика беше токму затворањето на приодите кон сопствениот кош.

Незадоволството од финалниот резултат е очекувано, но можеби ваквиот резултат од психолошки аспект е подобар, затоа што избраниците на Малинков во реваншот ќе морат да влезат многу посериозно и помотивирано отколку при предност од петнаесетина поени.

По воведната предност на гостите, Чешковиќ му го донесе првото водство на домашните играчи, најавувајќи го своето шоу. Предноста стана константна, па веќе на крајот од воведниот период Фени имаше +4, 21-17. Избраниците на Малинков продолжија со добрата игра и во вториот период, за по само пет минути игра да стигнат до највисоките на натпреварот +18, 42-24. По тајм аутот на некогашниот предводник на Фени, Мирослав Кадија, Тиват се врати со серија од 12-0 и се доближи на само -6, 42-36, за да Фени Индустри се соземе и до крајот на првото полувреме повторно поведе со двоцифрена предност (53-43).


По паузата за полувреме следуваше изедначен трет период во кој Теодо успеа да надополни три поени од негативата од 19, повторно спуштајќи ја предноста на Фени Индустри на едноцифрени 7 поени, 72-65. Лошата игра во одбрана на кавадаречките кошаркари продолжи и во последните 10 минути, во кој примија 32 поени, а дадоа 28, вклучувајќи ја и тројката на Чешковиќ на секунда до крајот за победа од 100-97.


Магичните 39 поени Чешковиќ ги надополни со уште 5 асистенции, а покрај него повторно одлични беа Џекиќ со 18 и Петровски со 17 постигнати поени. Кај гостите најдобри беа Поповиќ со 25 и Милан Станојевиќ кој запиша 23 поени зад своето име.


„Добро игравме во текот на целиот натпревар, но на крајот малку паднавме, ни падна концентрацијата, можеби не стигна и заморот. Имавме 15-16 поени разлика, но на крајот победивме само со 3 поени. Игравме лошо во одбрана, примивме 97 поени, што никако не смее да се случи, особено не на домашен терен. За седум дена одиме во Тивот, ќе пробаме да ја сочуваме предноста и да победиме. Покажавме дека можеме да играме против Теодо. Водевме на моменти и со 18 поени, и мислам дека заслужена е нашета победа“ = изјави по натпреварот Матија Чешковиќ.

„Денеска исто како да игравме олстар натпревар. Одбрана никаква, напад фантастичен, даваме лесни поени, реализираме, но во одбрана катастрофа. Со ваква одбрана не можеме да добиеме никој во наредниот дел од натпреварувањето. Нас ни беше одлика одбраната. Во првиот ден од сезоната примавме во просек од 65 до 70 поени по натпревар, сега примаме 97, 90 што не е добро. Кошарката се добива со игра во одбрана, можете да добиете 2-3 натпревари со напад, но големи резултати се прават само со добра игра во одбрана. Ако одиграме уште еден ваков натпревар на голем број поени, имаме шанси да славиме во Тиват, со тоа што ќе мораме да ја „закрпиме" одбраната доколку сакаме да славиме. Ни следи и натпревар проетив МЗТ во гости. Како и на секој натпревар одиме на победа. Потоа ни доаѓа Карпош Соколи. Тежок распоред, но мора да се одигра со секој во овој двокружен систем. Имаме уште два дена до крајот на преодниот рок. Преговараме со неколку играчи, но исклучително е тешко се најде вистинско засилување во овој дел од сезоната. Разговараме со двајца играчи, едниот американец и едниот од бившите ју простори, но сеуште не сме одлучиле." - резимираше предводникот на Фени, Љупчо Малинков.

 

Leave a comment