Речиси полно гледалиште и собрани повеќе од 200 книги е епилогот од музичкиот хепенинг кој во рамките на проектот „Културна (Р)Еволуција“ се случи во Домот на културата „Иван Мазов - Климе“ од Кавадарци на 19ти септември.

 


Иако беше најавено дека влезницата за настанот изнесува само една книга, голем број кавадарчани не ја пропуштија можноста да донесат повеќе од една книга. Во акцијата покрај публиката се вклучи и целата кавадаречка музичка сцена, која покрај тоа што со својот настап го поддржа настанот, дополнително донираше и книги. Честта да ја отворат вечерта ја имаа Харизма Бенд, а веднаш по нив следуваше настапот на Ориентал Бенд и Лидија Паскова. Александра Михова ја отпеа авторската „Ништо не остана“, а Наташа Малинкова во придружба на Столе Аврамов заедно со публиката ги отпеа познатите рефрени од нејзините големи хитови „Грешка“, „Едно си ти“ и „1000 зборови“. Музичката програма продолжи со Трио Абдомен (Пикси, Перо и Гранде) и Бадасал, а вечерта ја затворија балетското студио „Венус“ и студиото за модерен танц „Линеа“ со нивните уникатни музички перформанси.


Во продолжение од проектот, собраните книги ќе бидат распределени по училишните библиотеки во кавадаречките основни и средни училишта.
 


Проектот „Културна (Р)еволуција“ е поддржан од младинскиот фонд на Балканската регионална платформа за младинско учество и дијалог, кој се реализира веќе трета година на регионално ниво од страна на 7 Агенции за локална демократија и АЛДА Скопје во 5 балкански земји. Преку локални и регионални активности, платформата има за цел да ја зголеми свеста за младинското учество, младинскиот активизам и можностите за младите луѓе да создаваат и да бидат дел од донесувањето одлуки.

Leave a comment