Со проверена екипа која го носеше „товарот“, но и хуморот во веќе култните „Иц'то и Јул'то“, „ЦСИ ПД“, „Газда Страшо“ и „Лазо“, но и со неколку нови ликови и специјални гости, Диме Коцевски го најавува најновиот театарски хит на кавадаречкиот театар, комедијата „Стјуардеси“ по текст на францускиот комедиограф Марк Камолети.

Вообичаено, покрај една од носечките улоги, Диме Коцевски е задолжен за адаптацијата која секако ќе го донесе и препознатливиот кавадаречки хумор, но и за режијата на претставата со која ќе биде одбележана долгогодишната соработка со професорот Костадин Прокопов.

 

„Претставата освен за публиката, ја правиме во чест на професорот Костадин Прокопов, и истата е едно едно скромно одбележување на неговата долгогодишна соработка со кавадаречкиот театар и како глумец, но и како човек кој долги години помага во регрутирање на млади таленти, аматери - глумци од гимназијата кои се неизбежен дел од секоја претстава“ - рече меѓу другото Диме Коцевски, режисер на „Стјуардеси“ и актер при Домот на културата „Иван Мазов - Климе“. 

 

Поддршка за сите оние кои се вклучени во реализацијата на новиот проект кој се очекува повторно да ги руши рекордите на гледаност стигнува од секаде, а една од најзначајните е и од директорот на кавадаречкиот Дом на култура. „Иако претставата „Стјуардеси“ не е дел од овогодинешната програма на Домот на културата, сепак директорот Владимир Темков имаше големо разбирање и само после еден разговор со него претставата почна да се подготвува“ - дополнува Коцевски.

 

Во продолжение, Коцевски зборуваше и за театарската екипа, која и овој пат е спој на младост и искуство, па покрај стандардните Станоев, Ѓорѓиева и Прокопов, на „штиците што живот значат“ ќе дебитираат неколку нови ликови. „Како и секогаш имаме спој на младост и искуство, па освен мене и Костадин Прокопов, во претставата играат и еден од највпечатливите глумци во последните неколку години, Видан Станоев, Валентина Ѓорѓиева која исто така редовно е дел од кавадаречкиот театар во последните неколку проекти, додека за прв пат на сцена ќе ги видиме Александра Колева и Ребека Малиминовска“ - завршува Коцевски, кој најавува и неколку изненадувања кои ќе се чуваат во најстрога тајност.

Се очекува комедијата „Стјуардеси" да биде премиерно претставена пред кавадаречката јавност во првата половина од месец март.

 

361 comments

Leave a comment