*

 

 

тие денови

живеев на планини

се разминував со мирни змии

и преплашени гуштерчиња

барав златни печурки

и на млади буки се одмарав

со прегратка

 

бев далеку од струјата

и заборавив на нејзните трагови

врз лицето на земјата

 

со секоја мисла

околу неа се вртев

и извор на идеи

изгреваше во мене

 

и почнав

да го чистам џебот

од сопствената празнина

 

замислив добро

да се тргува со книга

оти книгите се лек

 

но прво замислив

да се позајмува книгата

на заинтересираните

 

после тоа со тајната во неа

со името скриено во стиховите

да се бара цена

ако читателот ја врати

и бара да му се открие тајната

да знае нешто

што светот не знае

 

уметноста е повредна

кога е посебна и ретка

како црвеноглава птица

 

тоа се птици пред исчезнување

човекот им го труе просторот

со вести за постојано нови немири

 

умните бегаат во книгите

од војни

 

*

 

не ме прашувај како

ама знам

 

сите струи во космосот

знаат за твојата одлука

да го оствариш

сонот на ѕвездите

и да ме допреш со она што ми е најважно

со песна за женскиот принцип

 

во хороскопот за месецот со поленот

пишуваше дека ќе се појавиш

како нешто што не може поубаво да биде

а баба ми почнала оган да пали

и со лисјата од лавот

го накитила ложиштето

 

трета рака ме донесе тука

и успеав да го спасам хороскопот

како нешто што ми е многу важно

а истото тоа го пишуваше на небото

 

умот не можеше да ги објасни

конците со кои бевме сошиени

на платното што го користи

творецот како огледало

 

не ме прашувај како

ама знам

 

се што е живо

знае дека сме едно

 

јас и ти

поезија

живот

љубов

простор

 

*

 

со неа влегов

во ново подесување

измеѓу срцево и просторов

и во тој нов свет

беше можно да ја сакам

со мравките што ги гази

со водата што ја пие

со рацете што се гладни волци

за нејзината снага

за нејзиното тело

 

таа ми даде храброст

да се обидам да засакам се

и навреди и болести

и светлина во окото

и соба со спуштени ролетни

и смртност и бесмртност

секоја појава како свое дете

да ја милувам да ја дозволувам

за таква љубов сеопфатна

мускули ми даде таа

 

со неа влегов

во просторот одново

но овој пат не беше празен

ами полн

со љубов што лечи

од бунт против постоење

 

за ова да го разбереш

потребен ти е апарат за доживување

не за размислување

 

вклучи ја тишината

исклучи го умот

и продолжи да читаш

надвор од светот на рекламите

 

*

 

што ќе биде

ако си ги сложиме со неа

забите на срцата

 

ако ги тргнеме слоевите болки

од сите генерации

што пред нас се обидувале

да ги победат илузиите

на немирот и неговите следбеници

 

што ќе биде ако се засакаме

со неа во исто утро

на прв сноп светлина

 

на кој крај од светот

ќе се слави будењето најмногу

ако со неа се разбудиме

во ист кревет на перници

полнети со облаци

од некое холандско ремек дело

 

што ќе биде со образованието

ако јас и таа проговориме за љубовта

 

дали е нашиот пример

најголема закана

за луѓето што ги слават поразите

 

што ќе се случи со светот

ако јас и таа зачекориме во умот

на оние што ја проучуваат

квантната природа на просторот

 

дали светот има доволно сила

да остане ист после нас

 

ти си револуција

оружјето ти е поезија

а против тоа полиција

не може да победи

и можеби затоа

не се потребни униформи

во новиот свет

 

сите голи зад очите

се сакаат без маски таму

 

што ако љубовта

е нешто поврзано со чуда

 

*

 

потребни се врати

за да излезеш надвор од себе

и да ги напуштиш еднаш

енергиите заплеткани

во мрежата од стравот

 

потребни се врати

за да излезеш од собите

во кои незадоволството

се соединува со првите мисли

во денот на рана пролет

 

потребни се врати

во кои влегуваш

и она што го бараш

лесно го најдуваш

 

заоѓа сонцето

 

силуетите прашуваат

каде се тие врати

и со каков клуч се отвораат

ако се заклучени

и тогаш без милост

им кажувам на луѓето

дека вратата се тие

и дека клучот си ти

 

важно е само

кога се сака

да се сака

без запирки

 

точки се забранети

во љубовта

 

*

Leave a comment