*

 

 

Замира

 

Претеруваш! Слаткоречив си! Не може тоа да е апсолутна вистина. Јас сум како сите луѓе што се, терен на кој лошите избори се натпреваруваат со добрите, има во мене слоеви црнило и болка, и тага и сето потиснато несвесно е во мене и не е баш толку светло како она што се обидуваш да го пренесеш преку твоите зборови. Не сум јас светица, никој не е, но ти имаш потреба да идеализираш,  затоа си неумерен во твоето збородарување, и мислам дека знам од каде потекнува таа глад кај тебе.  Твоето его е огромно, и тоа со претерувањето кога зборуваш за мене, е твојот начин да си го смириш егото. Огромното его кај оние што го имаат, со цел космос не може да се засити, и безконечноста му е краткотрајно задовоство и затоа мора одново и одново секој пат да ја повторува. За да си го смириш егото, затоа масовно ги населуваш со суперлативи делата за кои велиш дека јас те инспирирам да ги создаваш. И, не верувам дека само јас така делувам на тебе, убедена сум дека уште многу други исто така го будат духот на креаторот во тебе.  Се е тоа обично и нема никаква тајна во сето тоа ? Дали сакаш да ми кажеш нешто повеќе за самиот процес на создавање, како е тоа кога јас те инспирирам за нешто и ти после тоа почнуваш да создаваш, ете да имам некоја конретна слика за тоа, ако имаш некој пример да ми дадеш ?

 

*

 

Кирил

 

беше тоа држење меѓу пролет и лето

го сакав сонцето повеќе од луѓето

се тргнав од нив на неколку месеци

тие денови берев печурки

и лежев секогаш

на нешто живо и зелено

 

немав многу мисли во умот

бев навлегол во тишината зад формите целосно

 

звукот на околината го слушав во бои

боите ги гледав во песната на птиците

 

секое утро се будев

и одев да молчам на планина

и така скоро сто денови

 

кога излегував од сон

јас влегував во сон

 

и тогаш се случи на патот за дома

да се заплеткам на неколку минути во мрежата

што ја држат каблите и жиците жива

и замисли

таму ме чекаше песна 

од твоите ноќни поети

и во истиот момент кожата ми станува кристална

и почнувам да светам од стопала до чело

и бабите околу мене почнуваат да течат

и на нивното место се појавуваат деца

 

ја читам твојата порака

и почнувам да верувам

светот е мој

но не е надвор од мене

 

ја читам твојата порака

и на сите места кај што се појавувам

страст силна за животот ме стега

и влакната со крв ми се полнат

 

ја читам твојата порака

и морам да си го испразнам срцето

оти почнува да ми се шири преку умот

и со трчање стасувам до компјутерот

и почнувам да пишувам

се отворам над тастатурата

и почнувам да истекувам

 

капките од мене

паѓаат на буквите

и така се раѓаа зборовите

што ги вградив во седумдест и нешто

минијатури во стих

со лик на тебе

 

два часа траеше процесот

во кој енергијата беше ослободена

 

постоеше опасност

да ми експлодира умот

 

но ништо слично не се случи

 

*

 

Замира

 

Како можеш така лесно да зборуваш за такви интимни периоди во твојот живот ? Како можеш да ми кажеш дека си напишал за мене седумдесет песни на некои планини за неколку часа, како тоа да е сето добар ден што ми го кажуваш ? Не знам што да мислам сега ? Не е лесно некој да ти каже дека пишувал за тебе, одма потоа те сардисуваат прашања од сите страни ? Што е напишаното ? Зошто е напишано ? Што се крие во намерата на тој што го пишувал ? Може параноја да предизвика таквата информација во женскиот мозок ? Не е лесно да му бидеш на некого муза – притисок е тоа што ја одзема слободата да бидеш грешен.  Свесен ли си дека луѓето се плашат кога ќе дознаат дека предизвикуваат толку поетски наоштрени чувства кај некого ? Не ми е сеедно да ме сака некој со таков степен на опсесивност. Свесен ли си за тоа ?

 

*

 

Кирил

 

знам дека моите зборови не можат

ни нога од мрава да пресечат кај друг

а за мене се планини што ме штитат

од војските на неуспехот

 

моите зборови не можат

ниту петличе да ти скинат

а за мене се планети

со нов љубовен облик на соживот

 

она што го пишувам

не може да повреди дете

тоа ми е критериум за безбедност

 

сите ножеви што ми ги заборавило човештвото

во торбите од гените

сите нагони за уништување

сите реки од огнови затруени

се што помалку од човек

а повеќе од нечовек

сите болести во верата

сите непријатели на убавото

се што е тешко во мене

ако го ставам во поезија

се претвора во лек за убавото

 

ти си безбедна

 

се што е опасно за тебе во мене

претворено е во уметност

 

светот е безбеден

 

се е во склад

 

*

 

Замира

 

Не можам да ти верувам без докази. Прости ми но не сакам да си го исклучувам аналитичкиот ум кога комуницирам со друга личност и не можам да верувам ако не видам доказ. Ми требаат информации од реалноста за анализа, не можам доволно да се опуштам ментално за да верувам, ако не ми е се јасно и бистро во менталниот простор. Сакам да го прочитам тоа што си го пишувал за мене. Што е најлошто што може да ми се случи? Да ми се допадне, или да не ми се допадне. Дефинитвно сакам да го прочитам. Може ли да ми го дадеш тоа што го имаш пишувано за мене, да го прочитам, да видам која сум таму ?

 

*

 

Кирил

 

можам да ти дадам нож

и ти со него ќе изрезбариш

дрвена кралица за шах

 

можам да ти дадам куршум

и ти ќе направиш привезок за клуч од врата

во постела двајца што води

 

можам да ти дадам тага

и ти со неа ќе го затегнеш сојузот

измеѓу мудроста и човекот

 

можам да ти дадам живот

и ти од тоа ќе научиш

дека луѓето што се сами

најмногу знаат

 

можам да ти ги дадам

сите трауми од почетокот на светот за мене

и ти ќе ги претвориш во гориво за свеста

 

можам да ти ги дадам моите намери со тебе

да ти ги одложам на дланките во кутија

и ти од моите желби да имам нешто со твоето тело

ќе зготвиш лек против болен мотив за живот

 

тебе можам се да ти дадам

и уште повеќе да имам

 

а ти од се што ќе добиеш од мене

можеш да се пронајдеш која си

и одново да се запознаеш

тоа ќе биде добро за здравјето на човештвото

 

*

 

Замира

Знам јас која сум, години потрошив на тонење во мене, ги имам откриено шемите во мојот ум, се познавам добро.  На факултетот почнав прв пат да пробивам низ маските мои, и како ги совладувавме лекциите од психологијата, така добивав инспирација и знаење и мотив да се самоспознавам. Не ти го барам пишуваното за да се запознавам од одново, немам потреба од тоа. Сакам само да се погледнам со твоите очи, да видам како ме гледаш ти ? Може ли да ми го дадеш тоа што го имаш пишувано за мене, да го прочитам, да видам која сум таму ?

 

*

Leave a comment