ПОРАКА ДО ЧИТАТЕЛОТ !

Кирил и Замира се вистинити личности со органско потекло од Прилеп. Денес  најмногу живеат на социјалната мрежа фејсбук под лажно име и презиме. И двајцата имаа црнобели фотографии на својот профил прозорец во времето кога е напишан текстот што ќе го прочитате за нив.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

*

 

Кирил

 

можеби ќе ти зборувам за долги реки

за милион долари

за неважни прикаски за историјата на сладоледот

за слетувањето на кинезите на твојата

омилена страна на месечината

нешто сигурно ќе зборувам

за обликот на писмата меѓу билките

за пеперутките што прелетале преку

сите благословени стомаци под сонцето

можеби ќе кажам нешто за книгите

нешто за тоа колку се важни за да умреш спокојно

или нешто погрдно за новите трендови

во модерната психолошка пракса

не знам сигурно нешто ќе зборувам

нешто далечно и тешко за поентирање

ќе зборувам нешто ќе губам контрола

само да го продолжам твоето заминување

немој да се плашиш да ми замериш

ако се почувствуваш изиграна од моите зборови

слободно налути се и држи се со умот за лутината

тоа го прават скоро сите

прави го и ти без каење

и оди си кога ќе посакаш да си одиш

се ќе биде во ред

и нема да е грев ако ме оставиш

малку да ме боли

можам јас да сакам и тогаш

не е ова љубов со рок на траење

можеби не е ни љубов, не знам

можеби треба некој нов збор за ова

 

*

 

Замира

 

Не, немој да престануваш да зборуваш, не се плаши, пушти го стравот нека си оди, јас нема да си одам, ќе останам. Зборувај те молам, сакам да те слушам кај што зборуваш, сакам да сум сега и овде со тебе. Само имам еден предлог, слушни го, можеби ќе ти користи полесно да се изразуваш. Јас имам голем број прашања што ги носам со себе секогаш кога знам дека тебе ќе те сретнам, но никогаш не сум ти ги покажала. Убави се, млади, енергични, има и длабоки, има црни има бели, има и од оние за почетокот на децата, има секакви, можам да ти ги покажам ако сакаш. Јас сакам да ми дадеш одговори ако ги носиш со себе. Можеби можам да соберам одговори за секое прашање од албумот, баш би сакала, баш би била среќна да се случи тоа. Еве за почеток можеш да ми кажеш, кое е твоето прво сеќавње на мене ?

 

*

 

Кирил

 

не можам да се сетам на светот
пред времето на твоите колена

првот изграден мост измеѓу мене и тебе
тоа е
нешто невидливо

живее во свет полн со кабли и жици

таму прв пат те сретнав

ми се чини

 

беше тоа некоја млада мрежа

почнувавме сите да живееме таму

се повеќе и повеќе

 

беше некој матен пат по кој одев

бев изгубен сигурно

пишував многу поезија

и не знаев за друг мир

 

можеби ме натераа блиските

да ги пуштам стиховите во мрежата

за да се хранат добрите пајаци во срцата

на оние што сакаат да чиатаат нешто такво

 

ми се чини видов твоја слика после тоа

и на неа имаше молба

 

твојата слика ме молеше

да ти ги пуштам очите

блиску до она што сум го напишал

или тоа беше моја слика

тебе што те моли

да ми ги пуштих стиховите во тебе

 

не знам

нешто слично беше

и после цела ноќ на шанк

си гушнав перница дома сам

и тука имаше многу храброст за сонување

и пред да заспијам длабоко

те видов како светиш во мрежата

и ти напишав во порака

нешто кратко за твоите колена

 

ете тоа е моето прво сеќавање на тебе

 

од твоите колена почнува

или можеби од твоето лице

не знам

 

*

Продолжува...

Leave a comment