Центар за култура „Марко Цепенков“ Прилеп / Галерија „Борко Лазевски“ од 17 до 30 ноември ќе се одржува настанот 365кг Живот.

 

Дали активизмот може да биде уметност? Дали едно дело кое било во служба на некоја општествена утопија или кауза може истовремено да биде и уметничко дело? Дали едно дело кое не е свртено кон уметноста и не се труди да открие повеќе за нејзе или за себе, сеуште може да биде уметничко дело? Дали овие прашања кои уметникот си ги поставува може да бидат уметничко дело?

Сепак, ако сето оваа остане само пишан збор на хартија, најверојатно ова ќе биде некаков есеј.

Низ инсталацијата со наслов 365кг која има мултимедијален карактер се присутни два различни визуелни пристапи проследени со звучни вибрации.

Инсталацијата односно акумулацијата е множество на таканаречените балони, кои како форма и содржина секогаш се дел од средината каде човекот го слави своето постоење низ различни настани. Тие се дел од секојдневните веселби и манифестации со цел да се декорира и разубави просторот.

 

Меѓутоа, овие балони пред нивната трансформација низ процес на импрегнација и препарација биле дел од еден биолошки жив систем. Тоа е животно кое е насилно репродуцирано, измачувано, тероризирано и на крај убиено, за истото да се понуди на пазарот како производ од кој се профитира. Балоните се орган, односно мочен меур од животно, од кој е испразнета урината а, внатрешноста е исполнета со воздух. Тие претставуваат апстрактна биоформа кои го симболизираат последниот животен здив кај животното. Низ оваа балон форма, на циничен начин е прикажана културолошката и традиционалната слика на човекот кој секојдневно ги тероризира послабите и безгласните со што го слави својот живот.

Leave a comment