Во петок на 12.4.2019 во 20:30 часот во ликовниот салон на ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложба на слики од м-р Марија Светиева.

 

Во континуитетот на опусот на м-р Марија Светиева, како во еден здив допираме еден воспеан, магичен и осознаен сон, кој на моменти се преточува во јаве кое нè плени давајки му на животот изблик на нескротлива радост. Делата се восхитувачко ведри, полетни со волшебна енергија на сугестивно, заводливо, вечно пролетно, со аура на магичен реализам, поместувајќи ги границите меѓу јавето и сонот, соединувајќи ги световите на стварното и нестварното, на реалното и надреалното.

Дијалогот помеѓу протагонистите е преточен во танц, лет, прегратка, треперење на крилјата, сплотеност во занес или миг на резигнација. Затечени како самоникнати или колажно аплицирани, како вткаени, во контрапункт на силуети, концизно сугерирани или стилизирани, потонати во сенка или со акценти на звучно сконцентриран колоритен набој, лебдеат некаде во некој затечен сон, или нерасонет магичен свет. Тоа е свет на една кротка, но звучна хармонија, со ништо ненарушена, која кореспондира во сите сегменти на езотерична флуидност со меките текстури и пастелни пигменти, кои вибрантно пулсираат со животворна енергија.

 

 

 

 

Leave a comment