На секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.

 Со задолжително здравствено осигурување на осигурените лица им се обезбедува право на покривање на трошоците на основни здравствени услуги во случаи на болест и повреда надвор од работа како и повреда на работа и професионално заболување.

Oсновни здравствени услуги според Законот за здравствено осигурување се :

  1. Од  примарната здравствена заштита:

-       здравствени услуги заради утврдување, следење и проверување на здравствената состојба;

-       преземање на стручно медицински мерки и постапки за унапредување на здравствената состојба, спречување, сузбивање и рано откривање на болестите и други нарушувања на здравјето;

-       укажување на итна медицинска помош, вклучувајќи и превоз со санитетско возило кога тоа е неопходно;

-       лекување во ординација, односно во домот на корисникот;

-       здравствена заштита во врска со бременост и породување;

-       спроведување на превентивни, терапевтски и рехабилитациони мерки;

-       превенција, лекување и санирање на болестите на устата и забите и

-       лекови според листата на лекови што со општ акт ја утврдува Фондот на кој министерот за здравство дава согласност;

  1. Во специјалистичко-консултативната здравствена заштита:

-       испитување и утврдување на заболувањата, повредите и здравствената состојба;

-       спроведување на специјализирани дијагностички, терапевтски и рехабилитациони постапки и

-       протези, ортопедски и други помагала, помошни и санитетски справи и материјали и забнотехнички средства според индикации утврдени со општ акт на Фондот на кој министерот за здравство дава согласност;

  1. Во болничката (краткотрајна и долготрајна) здравствена заштита:

-       испитување и утврдување на здравствената состојба, лекување, рехабилитација, нега, сместување и исхрана во болнички услови;

-       лекови според листата на лекови што со општ акт ја утврдува Фондот на кој министерот за здравство дава согласност, како и помошни материјали кои служат за примена на лековите и санитетските и друг материјал потребен за лекување и

-       сместување и исхрана на придружник при неопходно придружување на дете до тригодишна возраст, додека е на болничко лекување, но најмногу до 30 дена.

Со задолжителното здравствено осигурување не се опфатени здравствените услуги како што се:

-       естетски операции кои не се медицински индицирани;

-       користење на повисок стандард на здравствени услуги над утврдените стандарди;

-       бањско климатско лекување;

-       магнетна и ласерска терапија при користење на физикална терапија;

-       медицинска рехабилитација на дегенеративни заболувања според општ акт утврден од министерот за здравство, освен за деца до 18 – годишна возраст;

-       лекови кои не се опфатени со листите на лекови од член 9 на Законот за здраствено осигурување;

-       протези, ортопедски и други помагала, помошни и санитетски справи и материјали и забнотехнички средства кои не се опфатени со задолжителното здравствено осигурување или се изработени од надстандарден материјал;

-       општа нега, сместување и исхрана во геронтолошка установа;

-       извршени во примарна здравствена заштита кај лекар кој не му е избран лекар на осигуреното лице.

-       специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги без упат од избраниот лекар и здравствени услуги и права кои произлегуваат од извршени здравствени услуги во здравствени установи каде Фондот не го обезбедил вршењето на такви здравствени услуги, освен правата кои произлегуваат од областа на работните односи;

-       здравствени услуги користени спротивно на утврдениот временски редослед во Листата на чекање утврдена од страна на здравствената установа и здравствени услуги извршени како дополнителна дејност на здравствените работници;

-       прекинување на бременост, ако не е медицински индицирано;

-       лекување како последица на непридржување на упатствата од лекарот;

-       вештачко оплодување по трет неуспешен обид за оплодување;

-       издавање на сите видови лекарски уверенија;

-       набавка на нови протетски и ортопедски справи и други помагала пред утврдениот рок;

-       отрезнување и лекување од акутна алкохолизирана состојба, како и за намерни труења, кои не се предизвикани од душевни растројства;

-       лекување во странство ако лекувањето е извршено без одобрение од Фондот;

-       прегледи, испитувања и упатувања до надлежниот орган за оценување на работната способност, според прописите за пензиското и инвалидското осигурување и според прописите за социјалната и детска заштита, кога тие се вршат по барање на осигуреникот, работодавецот или друг орган;

-       незадолжително вакцинирање;

-       лекување, односно рехабилитација од болести на зависност над 30 дена;

-       здравствени прегледи на вработените кои се упатуваат на работа во странство од страна на работодавците, како и прегледите и превентивните мерки на здравствена заштита за патување во странство;

-       лекување од последици на третман од надрилекари или употреба на надрилекарства.

Leave a comment