Влатко Здравев е млад претприемач кој со добра идеја и цврст бизнис план направил бизниз за производство на торти- „Deyano Cakes.

 

 

 

Инфо Клуб Штип: Знам дека си презафатен, па ти благодарам што успеа да одвоиш време и за нас.

Влатко: Искрено, многу ретко се наоѓа време кога имаш свој бизнис, но тоа не ми е пречка, бидејќи сепак имам поголема флексибилност со обврските.

 

Инфо Клуб Штип: Како се одлучи на тој чекор да отвориш сопствен бизнис?

Влатко: Брзото темпо на живеење веројатно е она што придонесува сè почесто да бараме готови производи. Пред да почнам да работам, направив анализа што се бара и што е дефицитарно во Штип. Имам другар што знае да украсува и декорира торти. Неколку месеци заеднички размислувавме да си обезбедиме постабилни работни места. Решив дека ќе отворам фирма, а тој ми ја подржа идејата и се договоривме да работи со мене. Имав нешто на страна тргнато, а во меѓу време аплицирав и за кредит од АВРМ, ми беше одобрен и така полека полека го изградивме брендот „Deyano Cakes

 

Инфо Клуб Штип: Која беше процедурата за одобрувањето на кредитот и какви беа условите?

Влатко: Процедурата за припрема на бизнис план и целата документација заедно со одобрувањето траеше околу 4 месеци. По изработувањето на планот и одобрувањето внимателно испланирано ги вложив средствата во опрема и во просторот којшто беше потребен за работа. Кредитот беше со 1% камата со грејс период од 1,5 година и рок за враќање од 2 години, што сметам дека е многу важно кога се стартува било каква фирма, да имаш можност да заработиш, па да почнеш да враќаш. Доколку има повторно можност да се аплицира со вакви или секако подобри услови, сигурно ќе аплицирам.

Инфо Клуб Штип: Веќе постоите речиси 6 години, што сметаш дека е најважно за да се задржи еден бизнис на пазарот?

Влатко: Да си вреден и да сакаш да работиш секако е важно, но задржување на квалитетот е она што го гради брендот. Морам да споменам и дека прилагодливоста, следењето на трендовите, како и вмрежувањето се многу битни. Моментално работиме и со други фирми кои ни прават поголеми нарачки  и не планираме да го забавиме темпото.

 

Инфо Клуб Штип: Што е според тебе најтешко, а што најлесно во овој бизнис?

ВлаткоБидејќи учев економски факултет, сметам дека тоа ми помогна за да изготвам добар бизнис план и да бидам сигурен во себе и стабилно да работам веќе 6 години. Не можам да кажам што конкретно ми е било најтешко, но имаме нелојална конкуренција и тоа на моменти ни задава удари, но ако се држите до вашиот квалитет, секогаш ќе имате клиенти.

 

Инфо Клуб Штип: Што би им препорачал на младите?

ВлаткоБи рекол да се размислува неколку чекори однапред, да се пресмета ризикот и да се искалкулира секој денар, секоја финансиска помош е добредојдена, и уште нешто би додал, не мора да си стручен или да имаш некаков талент или дарба, ако си добар претприемач ќе успееш, или како што си велиме на ескимите сладолед ќе им продадеш.

 

Инфо Клуб Штип: Знам дека секогаш имате многу работа и дека беше тешко да се одвои време, затоа навистина ти благодарам и ви посакувам големи успеси и во иднина. 

Leave a comment