Бојан Глигоров има 24 години и е сопственик на Hair Studio KING

Инфо Клуб Штип:Бојан, за почеток ти благодарам што успеа да одвоиш време од  твојата работна атмосфера за ова кафе-муабет и да ја споделиш со нас твојата успешна приказна.

Бојан: Благодарам на поканата, драго ми е да ја раскажам мојата приказна, можеби за некого ќе биде инспирација за нов почеток.

 

Инфо Клуб Штип: Сам го спомена почетокот, па раскажи ни од каде љубовта кон оваа професија?

Бојан: Талентот за „играњето со коса“ го имам уште од мали нозе. Или го носиш тоа со тебе или не, но занаетот се учи. Секој почеток е тежок. Па, таков беше и мојот. Додека моите врсници одеа во училиште, излегуваа, се дружеа, всушност правеа сè она што му прилега на еден средношколец и тинејџер, јас за тоа време и работев. Метиш, миеш, но во исто време - учиш занает.

 

Инфо Клуб Штип: Како се одлучи на овој чекор за почнување сопствен бизнис?

Бојан: Случајно. Кец на десетка. Буквално ми се поклопија коцките. Инаку не знам дали би презел ризик за почнување сопствен бизнис. Тогаш работев во студиото „Александра“ и ми беше одлично, но ми беше понуден готов салон со инвентар, без алат. Поддршката од сите околу мене, беше пресудна да се одлучам на таков голем чекор.

Моите 6 години стаж не ми беа за поттценување и успеав сам да го опремам салонот со сопствен капитал и еве сега изгледа вака како што изгледа.

 

Инфо Клуб Штип: Кои беа твоите очекувања во однос на конкуренцијата во Штип?

Бојан:За секој патник има воз. Некогаш плаќаш квантитет, некогаш име. Нормално дека имав страв од целата нова ситуација, но јас сум задоволен од моите клиенти и  нивната доверба секогаш ми е поттик за чекор понапред. За своите пари секој има право да си одбере каде ќе ги потроши.

 

Инфо Клуб Штип: Значи ли тоа дека вреди да се ризикува?

Бојан:Да. Салонот го отворив на петти септември, сам, сега имам еден вработен, значи вреди. Во сите работи постои плус и минус. Но кога позитивните работи се поголеми и посилни од негативните, не вреди ни да се споменуваат.

 

Инфо Клуб Штип: Кои се твоите планови за иднина?

Бојан:Мислам дека е рано да зборувам за индината, но можеби промена на локација, проширување... не знам. Ќе оставам времето да каже.

 

Инфо Клуб Штип: За крај една порака за сите млади што имаат страв да започнат сопствен бизнис.

Бојан: Самодоверба. Многу самодоверба.

 

Инфо Клуб Штип: Бојан, многу ти благодарам уште еднаш што одвои време и го испивме ова кафе во твоето студио во топла атмосфера, се надевам ќе се видиме повторно за надоградба на твојата успешна приказна и со нова порака до младите.

Бојан:Благодарам многу. Се надевам и јас дека мојата приказна ќе допре до нив и ќе биде мотивација да се победи стравот од нов почеток.

Leave a comment