Една од заблудите на минатиот век е дека култната Рубикова коцка е направена за детска забава. Точно е дека ја создал Унгарецот Ерно Рубик, затоа и го носи неговото име, но целта не му била да ги забавува луѓето низ светот, туку да ги објасни принципите на тродимензионалното планирање.

 

Рубик во тој период предавал архитектура и дизајн на мебел. Во 1974 година, обидувајќи се да направи 3Д визуелизација за своите студенти, тој ја дизајнирал коцката, не знаејќи дека всушност направил сложувалка. Таа се состоела од дваесет и седум мали коцки, врз кои ставил налепници во шест бои. Тогаш, никому не му било важно боите да бидат подредени, ниту на професорот, ниту на студентите.

За правилно да се подредат сите шест страни на Рубиковата коцка, која на почетокот била нарекувана магична, постојат четириесет и три квинтилиони варијанти. Дури и самиот Ерно Рубик едвај ја решил сложувалката, после многукратни обиди. Но, откако го сторил тоа, дошол до идеја да го патентира пронајдокот како детска играчка. Тоа го направил по една година од дизајнирањето на коцката.

Играчката немала посебен успех сè до 1980 година, кога за неа се заинтересирала американската компанија „Ideal Toys“ и го откупила патентот за пронајдокот. За кратко време компанијата успеала да продаде над 100.000 оригинални рубикови коцки, со што Ерно станал првиот легален милионер во социјалистичките земји.

Оваа култна играчка на осумдесеттите години и ден денеска е популарна. Се организираат бројни натпревари за нејзино брзо сложување. 

Најмалата Рубикова коцка изнесува само 8 милиметри. Покрај основниот облик на сложувалката, денеска на пазарот можат да се најдат и други, најразлични форми. Досега се продадени над 300.000.000 оригинални рубикови коцки и нејзини најразлични имитации.

 

 

Leave a comment