Спиењето под вода помеѓу живиот воден свет, е нешто за кое секој од нас би можел само да сонува. Но за некои среќни туристи, со „подлабоки џебови“, овој сон сега може да постане реалност.

 

Пред нешто повеќе од пет години хотелот Конрад Малдиви, кој се наоѓа на островот Рангали, го отвори првиот ресторан под вода. За да ја прослават петгодишнината, сопствениците сега на нивните гости им ја нудат можноста, не само да ручаат гледајќи во морското совршенство, туку и да заспиваат гледајќи во распливаните рипчиња. Ресторанот со дванаесет места за седење, кој се наоѓа на 5 метри под нивото на Индискиот океан, беше преобразен во приватна спална соба за двајца, во која на гостите им се носи шампањско, вечера и појадок во кревет. Погледот кон живописниот корален гребен низ чистиот таван од плексиглас, просто го одзема здивот.

Ресторанот пак, покрај тоа што нуди неверојатна глетка која најверојатно никогаш нема да исчезне од вашите спомени, располага со богато мени од малдивската кујна. Исто така, се шират гласини дека за време на ручек, во ресторанот е толку светло, што гостите и персоналот мораат да носат очила за сонце. Вработените дури носат резервни очила за сонце в рака и нудат услуга за нивно забришување. Звучи неверојатно, но сигурно ќе се сложите дека гледањето на изгревот на Сонцето со појадок во кревет или вечерањето во друштво со Месечината е уште поспектакуларно искуство!?

 

Остатокот од одморалиштето кој е над океанското ниво, исто така не е воопшто мизерен. Овој хотел лоциран на Малдивите може да се пофали со 50 луксузни вили во вода, 79 вили на плажа и 21 фабулозни спа-вили во вода, со приватни соби за третмани. Воодушевувачките апартмани за летување, се опколени со прекрасен двор, со фонтана, а огромната рајска тераса покрај океанот, уште повеќе го зачинува тропскиот „шмек“, покрај стаклените врати кои се замена за ѕидови и генијалното уредување кое обезбедува тотална изолација од остатокот од светот. Епа, доколку навистина постои Рај, тогаш дефинитивно би изгледал вака.

Leave a comment