Има разлика помеѓу тоа да сте само експерт и човек во кој луѓето гледаат личност на која можат да и ги доверат своите тајни, сомневања и проблеми. Во работната околина најчесто се сретнуваме со луѓе кои со соодветни вештини и образование си ја завршуваат работата. Но, колку од нив се омилени меѓу колегите и успешни? За да се биде омилен и успешен во работната средина не е пресудно да се има висок коефициент на интелектуална интелигенција, туку на емоционална интелигенција.

Во многу истражувања се покажало дека работниците кои на тестовите за интелектуална интелигенција покажале висок резултат, понатаму во животот не достигнале значителен успех. Когнитивните способности може да укажат на постоење или на отсуство на потребен квалитет за спроведување операции со одредена сложеност, но не и на тоа дали поединецот има потенцијал да стане успешен во тоа што го работи. Способностите за самоконтрола, борбеност и истрајност се дел од емоционалниот свет со кои се одликуваат луѓето со висок коефициент на емоционална интелигенција. Емоцијата пред мислата. Eмоциите се од исклучителна важност во професионалното функционирање односно, емоционалниот ум е многу побрз од рационалниот и реагира непрекинато за да размисли на момент за она што го прави. Додека мислите се насочени на формирање реченица и надминување на проблемот, емоциите преку невербалните манифестации веќе го отсликале нашето доживување. Првиот впечаток е оставен кај претпоставениот или соработниците уште пред да го изустиме тоа што сме го мислеле.

 

Успешни сме кога емоциите се на наша страна.
Токму поради непознавањето на тој емоционален говор на лицето и телото, многу луѓе не се свесни зашто не добиле унапредување, а го заслужиле, или зашто нивната идеја не била земена во прв план, а била најдобра итн. Да се биде емоционално писмен значи да се биде способен да се управува со емоциите на начин што ја зголемува личната моќ и го подобрува квалитетот на функционирање на единката во работната околина, за себе и за луѓето околу неа. Емоционалната писменост им помага на емоциите да работат за нас, наместо против нас. Таа ги унапредува човечките меѓусебни врски, овозможува односи меѓу луѓето исполнети со емпатија, создава кооперативна клима за работа и дава можност за развивање на чувството на заедништво. Секој може да научи по нешто за своите емоции. Некои луѓе низ процесот на растење се здобиваат со високо ниво на емоционална писменост, меѓутоа, малкумина на полето на емоциите се онолку мудри колку што би можеле да бидат. Често работниците не можат да поднесат критика, веднаш почнуваат одбранбено и непријателски да се однесуваат кога ќе им се каже дека направиле пропуст во извршување на задачата. Реакцијата, како да е тоа личен напад, е доказ дека не постои свесна контрола на внатрешните импулси која, во понатамошна анализа, се воочува дека е мошне значајна и делува смирувачки за поединецот. 

542 comments

Leave a comment