Американски и британски научници случајно создале ензим кој може да ја уништи пластиката, што може да помогне во решавањето на глобалните проблеми од овој тип на загадување, беше објавено во една нова студија.

 

Повеќе од осум милиони тони пластика завршуваат во океаните на Земјата секоја година,  што е причина за загриженост поради токсичноста на овој нафтен дериват и влијанието врз здравјето на луѓето и животната средина.

И покрај напорите за рециклирање, голем дел од пластиката може да опстане стотици години, а научниците поради тоа бараат начини како најдобро да ја уништат пластиката.

Истражувачите од Велика Британија и САД вложија напори во проучување на бактерија неодамна откриена во Јапонија, под стручно име "ideonella sakaiensis".

Оваа бактерија се храни со еден вид пластика што се користи за производство на шишиња.

Јапонските научници веруваат дека бактериите може лесно да се размножуваат во центрите за рециклирање, но британските и американските научници во понатамошните испитувања на бактеријата издвоиле еден од нејзините ензими, кој без знаење на научниците мутирал, и станал поопасен за пластиката од самата бактерија.

Научниците, кои велат дека среќата понекогаш игра улога во истражувањето, ќе вложат понатамошни напори во проучување на овој ензим за да им помогне во процесот на рециклирање и подобро уништување на пластиката.

Leave a comment