Aмериканската сонда LRO (Lunar Reconnaisance Orbiter), детектираше нови резерви од мраз во осветлените јужни поларни области на Месечината.

 

Научниците се обидуваат да ја решат мистеријата за тоа зошто мразот не испарува под влијанието на Сончевите зраци. Ова е многу важно не само за колонизацијата на Месечината, туку и за настанокот на водата на Земјата.

Научниците долго време мислеа дека мразот на Месечината се наоѓа само на местата каде температурата е доволно ниска за негово формирање и одржување. Но, не биле во право. Покрај тоа, новото откритие значително ја зголемува количината на водата која се наоѓа во нашиот природен сателит. Со помош на сондата за набљудување на површината на Месечината од орбитата на LRO, со сигурност се знае дека мразот се наоѓа во зоните со поголема температура.

Во 2012-та година, сондата, со помош на рускиот неутронски детектор LEND за првпат открил траги на мраз и на осветлените делови од кратерот. Податоците кои биле добиени укажале каде концентрацијата на водениот мраз е најголема.

Во јуни 2017-та година дошле нови откритија на мраз во осветлените области околу јужниот пол со помош на американските инструменти LOLA (ласерски висинометар) и DIVINER (инфрацрвен термометар), кој е способен да регистрира и најмала варијација на температура на површината на Месечината. Врз основа на добиените податоци, научниците направиле две мапи, кои покажуваат колку се топли различните области на Месечината и со каква ефикасност рефлектираат светлина. Комбинациите од овие параметри овозможуваат прецизно да се одредат местата каде се наоѓаат големи резерви од мраз. Тие области се типично ладни во однос на сувата површина на Месечината и подобро ја рефлектираат светлината.

 

Ова многу важно откритие отвора серија други прашања, а меѓу нив и главното – како водата дошла на Месечината и зошто не испарила под влијанието на Сончевите зраци? Уште една голема и многу необична загатка е поврзана за несразмерно малата количина на мраз на Месечината во однос на Меркур. Без оглед што Меркур од Сонцето е најблиску, таму има четири пати повеќе мраз отколку на Месечината. Но, научниците сè уште немаат одговор за причината за ова и се надеваат дека со помош на податоците кои ги испраќа американската Месечева сонда – LRO, сепак ќе најдат одговор и на ова прашање.

Leave a comment