Мегленски е четвртиот тренер во ФК Победа.

 

Сезонава е една од најтешките за Победа, според тоа колку клубот е приморан на промени, а при тоа да се земе во предвид дека обично се менува таму каде што не оди планираното. Покрај промените во управата, во играчкиот кадар, се случија промени и на позицијата шеф на Стручниот штаб. Прво беше битолчанецот Зоран Штерјовски, потоа Црногорецот Славољуб Бубања, па Србинот Слободан Крчмаревиќ, кој се задржа само три кола (победа од 2-0 со Работнички, порази со по 0-1 од Силекс и Скопје), така што од вторникот обврската да се избори за прволигашки опстанок е на Тони Мегленски.

Мегленски можеби е и најочекуван. Тренерите отстрана, колку и да се искусни и докажани, не можат за кусо време да се адаптираат. Потребно им е време да ја запознаат лигата, градот, клубот, играчите. Оттука и предноста на Мегленски, кој од дете е тука, израсна во репрезентативен калибар, беше со екипата освојувач на купот и двете шампионски титули. Пред три недели кога Крчмаревиќ го доби признанието тренер на колото, по триумфот од 2-0 над Работнички, јасно беше дека зад успехот стои токму Мегленски.

- Имам понуда од странски клуб, но сите добро знаат што значи за мене Победа. Клубот ми бил и второ семејство и затоа чувството дека сега и во оваа ситуација сум му најпотребен. Бев со него кога се освојуваа титули, но и кога се минуваше трнливиот пат од Третата кон Првата лига. Потребен сум и на екипата и напорно ќе работам за да го оствариме планот. Само обединети и сплотени, поддржани од нашите навивачи, можеме да ја оствариме целта - изјави Мегленски.

Има се' уште шанси и треба да се верува во опстанок до крајот. Преостануваат 10 кола, во кои шест меча се на гости (Ренова, Пелистер, Шкупи, Академија Пандев, Работнички, Скопје), а четири на неутрален терен (Вардар, Шкендија, Силекс, Ренова). Првиот е в недела, кај Ренова, во Тетово.

 

Leave a comment