Во последниот меч од есенската полусезона на 03 декември, фудбалерите на „Победа“ на стадионот на Могилата одиграа 1-1 со тимот на „Ренова“ од Тетово. 

 

Второто реми на овие ривали во вториот овосезонски меч се чини е најмногу благодарение на гостинскиот голман Кобетиќ, кој имаше неколку фантастични одбрани, но и среќата која ги пратеше гостите надополнета со неснаодливоста на домашните фудбалери во оние последни решавачки моменти на удар.

Фудбалерите на Победа од самиот старт на мечот по тешкиот терен за игра, влегоа решително и со максимално залагање со цел да забележат победа на последниот меч. Апслоутно никој не може и не смее да им забележи за залагањето и бореноста. Извлекоа максимум од можностите на теренот на кој не беше можно да се контролира ни топката ни играта. Имаа иницијатива и игра, посебно во првиот дел кога се играше главно пред противничкиот гол. Благодарение на интервенциите на Кобетиќ по ударите на Карчески и Гешоски мрежата остана незатресена.

Со иста цел и жар влегоа „победашите“ и во вториот дел, но овојпат Шаркоски од идеална прилика биеше право во Кобетиќ, иако можеби можеше да проигра со Гешоски, а обидот на Мирчевски беше изблокиран. Водството конечно дојде во 73-тата минута кога Филип Најдовски од околу 40 метри упати вистинско торпедо кон голот на корпулентниот Кобетиќ, а топката заврши во самиот агол за радост на стрелецот, сите на клупата и на трибините. И наместо по толку посакуваното водство победашите да ја умртват играта, да калулираат со времето и да се обидат рутинирано да го чекаат крајот, повторно им се случи наивно да бидат казнети.

 

По еден противнапад на гостите и уфрлување пред голот на Победа во 83-тата минута Крстески ја изби топката до аголот на канзениот простор каде на неа појдоа Карчески и Рамадани, кој прво ја изби топката, а потоа имаше одреден контакт кој судијата Георгиев го санкционираше се чини престрого како пенал за гостите кој Нафиу го претвори во израмнување 1-1. По голот гостите им покажаа на победашите како рутинирано се одработуваат минутите до крајот се до последната 90+4 минута. Тогаш во иста минута Цветаноски биеше крај голот, а по корнерот на Мустафов и грешката на истрчаниот Кобетиќ, Крстески промаши со глава од само 1-2 метри.
Со
вчерашниот меч е ставен крај на полусезоната која Победа ја заврши на 7-то место со 19 бодови.Пролетниот дел на шампионатот започнува на 14 февруари со дуелот Победа-Пелистер.

Leave a comment