Фудбалерите на Победа на вчерашниот натпревар од претпоследното 17-то коло на ПМФЛ во Скопје го совладаа истоимениот домашен тим со 1-0.

 

Ова е исклучително значајна победа и големи 3 бода од теренот на кој есенва победи само Шкендија(1-2), а загуби само Пелистер(1-0). Голот за победа е постигнат во раната 7-ма минута од натпреварот кога Маневски одлично го проигра Цветаноски кој ја прими топката и кога во домашниот казнен простор излезе сам пред Кандикјан од позади беше фаулиран од Ужевски. Интернационалниот судија Мечкаровски без размислување покажа на белата точка и му додели црвен картон на Ужевски. Гешоски успешно го реализира пеналот и донесе водство на Победа, што се покажа и како конечен резултат.

Целиот меч беше со многу малку шанси и возбудувања. За „Победа“ шанси имаа Гешоски, Ристевски и Цветаноски, додека за „Скопје“ Десниќ, Пецов и резервистот Сулејмани во последните моменти од мечот. Се играше тврдо на лошиот терен кој не дозволуваше течна и пас игра. Победа умешно и успешно ја користеше бројчаната предност на теренот и одолеваше на домаќините. Скопје пак единствена шанса да направи нешто повеќе имаше и гледаше во прекините и нафрлените топки пред голот на денес одличниот Јованоски. Тој застана на голот на местото на капитенот Талески кој паузираше поради 5 жолти картони, и имаше свој ден. Имаше повеќе сигурни интервенции и со својот учинок денес има голем удел во победата на својот тим.

Победата, втора на гостувањата полусезонава, е тешка, но и од круцијално значење во завршницата на полусезонава.

 

До крајот остануваат уште два натпревари. Во среда од 13 часот реванш 1/4-финалниот меч од Купот со Пелистер во Прилеп (првиот меч во Битола 2-5) и во недела во последното 18-то есенско коло(од 13 часот) во Прилеп натпреварот со Ренова. Оваа полусезона, на коло пред крајот, „Победа“ има освоено 18 бодови со биланс: 5 победи, 3 нерешени и 9 порази со гол разлика 18 постигнати и 30 примени голови.

Leave a comment