„ТИ“ е тематската изложба од Мирјана Крстева Массетти отворена во ликовната галерија на ЦК„Марко Цепенков“.

Массетти како автор, кој е на почетокот во изнаоѓањето на творечката физионимија, вели дека е од суштествено значење најновите остварувања во областа на сликарството и графиката да ги претстави пред прилепчани, што воедно претставувало потврда за нејзините досегашни достигања и поттик за натамошни продлабочени, автентични и иновативни проникнувања и вообликувања на сопствената уметничка физиономија.Изложбата ја отвори историчарот по уметност Елизабета Дерменкоска Цефи.

-Делата на Массетти се исткаени на разбојот на нејзината душа. Ова се слики, на една нема искрена исповед, молкум споделена интима. Онаму каде зборовите биле отповеќе уметникот продолжил со линиите, со симболите, со четката и боите. И на навидум едноставен начин ги доловува најсложените чувства, давајќи им форма, содржина, карактер, а и ги интензивира со колорит од внимателно избрани бои. Динамиката во откривањето на внатрешното „ЈАС“ е одмерена, низ прецизните геометриски форми и правилни линии, точно дозирани слоеви на боја, без непромислени потези ... ништо не е запоставено се има свое место и е подеднакво важно. Не е случајно избран и насловот на циклусот слики „ТИ“ – второ лице еднина кое се однесува на блиски интимни и широки комуникации. „ТИ“ се однесува на секој наспроти уметникот, наспроти нас, но „ТИ“ е и прозивка на нашето второ „ЈАС“ внатрешното во нас – дијалогот без задршка до целосно разголување, соочување со гласот кој вришти во нас, а никој не може да го чуе освен самите ние.

На Массетти токму тоа и успева, тој глас да го преточи во слика, за стремежите, за стравовите, за спокојот наспроти немирот, за различностите за тоа колку и како сме сфатени. Таа е самокритична и скромна, млад уметник кој уште на своите почетоци остава силен печат, уникатност која пулсира во незините дела кои говорат преку слика, а го третира сопственото внатрешно „ЈАС“ кое последователно преминува во „ТИ“ и веќе се однесува на сите нас, на се во, и околу нас.. – рече Дерменкоска-Цефи.

Массетти е автор кој има современ графички израз,со примеси на лирска апстракција. Досега реализирала повеќе самостојни и групни изложби.

 

 

 

Leave a comment