Трета година по ред, тиквешките точакџии заедно со сите свои пријатели, соработници, партнери и спонзори, не само што беа одлични организатори, приредувајќи одлична програма и бројни активности, награди и забава, туку ја презентираа во целост кавадаречката гостопримливост, нешто што со векови е белег на кавадарчани.

 

 

А тоа го препознаваат гостите кои од сите страни допатуваа во Мрежичко, кои ниту дождот кој паѓаше вчера не ги поколеба, забавувајќи се во програмата и очекувајќи го денешниот, централен фестивалски ден. Како и минатите две години, македонската химна и кавадаречките пешии подготвени од тимот на ресторан Ексклузив го најавија утрото, во кое од сите страни пристигнуваа учесниците на трите велосипедски, голема, средна и мала, и двете планинарски тури, мала и голема. По обраќањата на Лазар Трајков, член на здружението Тиквешки точакџии, градоначалникот Митко Јанчев и ректорот на универзитетот „Гоце Делчев“, Блажо Боев, следуваше поздравниот говор на најдобрата кавадаречка петнаесетка, легендарниот кавадаречки кошаркар Горан Самарџиев, кој исто како и своите претходници им посака среќа на сите учесници и уживање во природата и го прогласи настанот за отворен.

 

Помеѓу илјадниците лица, некои помалку, некои повеќе познати, како дел од учесниците годинава покрај „домаќините“, градоначалникот Митко Јанчев, Горан Самарџиев и македонската ракометна легенда, Петар Ангелов - Диви, беа и актерите Зоран Љутков, Игор Ангелов, кои на велосипед и пеш се упатија кон стазите кои ги подготвија домаќините.

 

Први во фестивалската зона пристигнаа планинарите и велосипедистите од малата тура, каде освен вкусното гравче и свежо точеното Македонско пиво, ги очекуваше забава со DJ Danne Mandzikovsky и модераторите, Душко Стефанов и Видан Станоев кои имаа одличен ден, мамејќи илјадници насмевки со секој свој коментар. Насмевки мамеа и наградите обезбедени од спонзорите кои им припаѓаа на најсреќните и најитрите, но и на најбрзите, кои пристигнуваа од стазите.

 

Како минуваше денот, сонцето беше се повеќе решено да им покаже на сите присутни дека само овде, и само тука може да биде допрено, па неговиот блесок дополнително ја „вжешти“ атмосферата во која децата и родителите беа еднакви.

 

Вообичаено, како и секоја година, крајот беше во знак на доделувањето на главните награди, четири велосипеди, кои годинава ги обезбедија месната заедница на село Мрежичко, И-ка Спорт, Екстрим Бајк и Тиквешките точакџии, и големата забава и честитките за уште една добра организација помеѓу сите оние како организатори, волонтери и помагатели беа дел од уште една Алшар авантура.

Leave a comment