Навивачите на Манчестер Јунајтед добија свој дом и во Кавадарци, каде одсега па натаму ќе се следат сите натпревари на Црвените ѓаволи, но и ќе се навива за Македонија.

 


На свеченото отворање на Клубот на навивачи на Манчестер Јунајтед од Кавадарци присуствуваа повеќе од 40тина фанови од пет до 55 години кои заеднички го прославија отворањето на своето ново збиралиште, но и го проследија дербито со Ливерпул.

 

По сечењето на лентата, пред присутните се обрати и претседателот на клубот на навивачите на Манчестер Јунајтед, Диме Коцевски, кој меѓу другото рече дека идеата за формирањето на клубот е стара неколку години, но повторно се актуелизирала по Супер купот во Скопје. Во продолжение Коцевски им се заблагодари на сите оние кои помогнаа за брзото формирање на клубот, но и на членовите кои масовно му се приклучија на клубот на навивачи, за веднаш потоа да им ги додели и членските картички на првите членови.

 

Според информацијата добиена од Коцевски, следен проект на клубот е до крајот на сезоната да му овозможат на двајца членови одбрани по случаен избор да проследат натпревар во живо на Манчестер Јунајтед, а во меѓувреме ќе се работи активно и на промоција на клубот во официјален фан клуб признат и од самиот Манчестер Јунајтед.

 

Клубот на навивачи на Манчестер Јунајтед се наоѓа на улица „Моша Пијаде“ бб кај експозитурата на Македонски пошти и ќе биде отворен само за време на натпреварите на Манчестер Јунајтед и македонските национални тимови.

 

Преземено од www.kavadar4e.com

Leave a comment