Во рамките на проектот „Јакнење на доживотното учење преку модернизација на системите на стручно образование и обука и на образованието на возрасните”, спроведен од Британскиот Совет, а финансиран од Европската Унијата, неколкумина возрасни кавадарчани беа обучени за изработка на мебел и добија сертификати со кои можат да работат во државава и земјите од Унијата.

 

 

Токму овој проект, меѓу другото, беше причина денеска шефот на делегацијата на Европската Унија Самуел Жбогар да го посети земјоделско шумарското училиште „Ѓорче Петров” во Кавадарци.

 

„Ова училиште учествуваше во изработка на стандарди на занимања, класификација, наставни планови и програми за тригодишно средно стручно образование за профилите столар, тапетар, декоратер и шумар“ - појасни професорот Горан Зимоски.

 

Оваа година за прв пат исто така во училиштето има и паралелка “шумар” во прва година. Тоа било резултат на барањата на Јавното претпријатие “Македонски шуми”, за ваков обучен кадар. Истовремено, има и паралелка “столар” во втора година.

 

„Училиштето исто така учествуваше и во изработка на програма за образование на возрасни, “столар за плочест мебел”. Со неа се изврши обука на невработени, кои по обуката се вклучија во приватни фирми, информираше Зимоски.

 

Евроамбасадорот денеска покрај училиштето ја посети и токму работилницата во која се врши практичната обука за ученици и возрасни, во која впрочем и беа обезбедени материјали за обука во рамките на проектот.

 

Работната посета на Кавадарци ја искористи и за посета на Центарот за вработување, во врска со проектот „Поддршка на процесот за подобрување на работата и услугите на Агенцијата за вработување”, за на крајот да оствари средба и со градоначалникот Митко Јанчев и советници во кавадаречкиот совет. Жбогар ја поздрави соработката помеѓу советот и градоначалникот иако доаѓаат од различни политички партии. Посака таква соработка меѓу двете најголеми партии да има и на национално ниво, се во интерес на граѓаните.

 

„Навистина постои многу добра соработка, а тоа се гледа и од самиот факт што градоначалникот на денешниот состанок ги донесе и претставниците на другите политички партии. Тоа само по себе говори дека постои многу добра соработка на ниво на општинскиот совет, впрочем тоа и го потврдија присутните на состанокот. Мислам дека е многу добро да се види една таква соработка која што функционира посебно на локално ниво, затоа што луѓето од различните партии се обединуваат за реализација на проекти за добробит на граѓаните. Овој пример треба да се види и во другите општини. Ваков пример на добра соработка би сакале да видиме и на национално ниво, посебно кога се работи за национални стратешки прашања каде што соработката помеѓу двете големи политички партии би била повеќе од неопходна“ рече Жбогар.

 

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев искажа задоволство од посетата на евро амбасадорот на општина Кавадарци.

 

„На наше задоволство и на граѓаните на Кавадарци гостин ни беше амбасадорот Жбогар. Разговаравме на повеќе теми и за она што ЕУ заедно со амбасадорот го имаат сработено како грантови донации за подобро на граѓаните. Разговаравме и за нашите проекти кои што ги имаме. За новиот градоначалник и новата визија за Кавадарци и за проекти кои во соработка со ЕУ би можеле да ги реализираме“ рече Јанчев.

 

Жбогар за прв пат денеска официјално е во посета на Кавадарци и искажа задоволство од посетата. 

„Ми беше мило да слушнам многу пофални зборови за градоначалникот за плановите за развој на општината. Слушнав охрабрување, позитивни размислувања во врска со неговата работа и за довербата што ја имаат граѓаните во новото лидерство на општината“ нагласи Жбогар.

 

Посетата е дел од кампањата „ЕУ за тебе“ која има за цел да ја покрене свесноста и да ја информира јавноста за помошта на ЕУ во земјата.

Leave a comment