6.1 СУДСКИ ПОСТАПКИ

 

Кој може да ги застапува граѓаните на суд?

Во граѓанска постапка деловно способните странки можат да преземаат дејствија во постапката лично или преку полномошници. Полномошник на странката може да биде: - адвокат, - лице дипломиран правник кое со странката е во работен однос и - роднина по крв во права линија, брат, сестра или брачен другар, доколку е потполно деловно способен. Ова е утврдено со Закон за парнична постапка. 

Во кривична постапка бранител може да биде само адвокат. Доколку обвинетиот не земе бранител, а се работи за кривично дело за кое е пропишана задолжителна одбрана претседателот на судот ќе му постави бранител по службена должност за натамошниот тек на кривичната постапка до правосилноста на пресудата. Кога не постојат услови за задолжителна одбрана, ако според својата имотна состојба не може да ги поднесува трошоците на одбраната, на обвинетиот може по негово барање да му се постави бранител, кога тоа го бараат интересите на правдата, а особено тежината на кривичното дело и сложеноста на случајот. Во барањето обвинетиот може самиот да посочи определен адвокат за бранител од листата на адвокати од соодветната адвокатска заедница.

 

6.2 БЕСПЛАТНА ПРАВНА ПОМОШ 

Што е право на бесплатна правна помош и кој има право да ја користи?

Одредени категории на граѓани имаат право на бесплатна правна помош што значи бесплатно користење на адвокатски услуги. Право на бесплатна правна помош имаат лица, државјаните на Република Македонија, на кои вкупните приходи на сите членови на нивното семејство не го преминуваат износот од 50% од просечната месечна плата исплатена во Република Македонија за претходниот месец во времето на поднесување на барањето за бесплатна правна помош, лица корисници на социјална помош, инвалидски додаток, корисници на најниска пензија кои живеат во семејна заедница со две или повеќе лица издржувани од него, семејства или самохран родител со едно или повеќе малолетни деца кои остваруваат право на детски додаток и други лица утврдени со Законот за бесплатна правна помош.

 

Во кој случај може да се поднесе барање за бесплатна правна помош?

Барањето за правната помош може да се поднесе доколку се работи за судска или управна постапка од областа на социјалното, здравственото, пензиското или инвалидското осигурување, работните односи, заштитата на деца и малолетници, жртвите на семејното насилство, заштитата на жртвите од казниви дела, заштитата на жртвите од трговија со луѓе, признавање на право на азил и имотно-правните прашања.

 

Кој е одговорен за оддобрување на барањата за бесплатна правна помош?

Барањето за бесплатна правна помош, барателот го поднесува до надлежното подрачно одделение на Министерството за правда, лично или преку пошта, на образец чија содржина ја пропишува министерот. Средствата за одобрување на бесплатната правна помош се обезбедуваат од Буџетот на Министерството за правда.


6.3 ПАТНИЧКО ОСИГУРУВАЊЕ

Зошто е потребно патничкото осигурување при патување во странство?

Со склучување договор за патничко осигурување, договарачот на осигурувањето, односно осигуреникот се заштитува од ризик кој може да настане на патување надвор од постојаното место на живеење на договорувачот/ осигуреникот.

 

Што се покрива со патничкото осигурување при патување во странство?

Осигурителната компанија каде патникот ќе купи патничко осигурување им ги обезбедува следните услуги и покритиа при патување и престој во странство во зависност од типот на осигурителната полиса: здравствена помош и осигурување, осигурување од незгода, осигурување на багаж и замена на патните документи, помош при патување и осигурување.

 

6.4 ГУБЕЊЕ НА ПРЕДМЕТ 

Како треба да се постапи во случај да се изгуби или пронајде предмет?

Сопственоста над предметот кој сопственикот го изгубил или му е украден не престанува, па наоѓачот е должен без одлагање да му го предаде на оној што ја загубил, односно на сопственикот, ако според знаците на предметот или од други околности може да сознае за него и ако е лесно достапен.

Наоѓачот кој пронајдениот предмет не го вратил на оној што ја изгубил, односно на неговиот сопственик, должен е без одлагање лично да го предаде на надлежната служба на чие подрачје е најден предметот или преку лицето во чии простории (превозно или слично средство) го нашол, а кое во името на наоѓачот ќе го предаде на надлежната служба. Наоѓачот не е должен да го предаде предметот на надлежната служба единствено ако неговата вредност според општо уверување е занемарлива.

Ова, како и други одредби за губење / пронаоѓање на предмети се утврдени со Законот за сопственост и други стварни права.

 

6.5 ПРАВО НА ПОТРОШУВАЧИ 

Кои се потрошувачи и какви се обврските на давателите на услугите / продавачите?

Според Законот за заштита на потрошувачите  за "Потрошувач" е секое физичко или правно лице кое купува производи или користи услуги за непосредна сопствена потрошувачка за цели кои не се наменети за вршење на неговото занимање или за други деловни дејности. 

Продавачот е должен пред склучувањето на договорот за продажба совесно и чесно на потрошувачот да му даде точни и корисни информации во врска со квалитетот, карактеристиките на производот или услугата и во врска со условите за продажба, како и сите други информации побарани од потрошувачот содржани во декларацијата на производот.

Трговецот мора на јасен, видлив, читлив и недвосмислен начин да ја истакне продажната цена на производите и услугите, односно на продажното место на кое се изложени производите, на производите во рефусна состојба, на услугите кои ги дава и на резервните делови кои ги продава.

 

Кои други права ги има потрошувачот?

Потрошувачот на кого му е продаден производ со недостаток има право по свој избор да бара: бесплатно отстранување на недостатоците на производот или надомест на трошоците направени за отстранување на недостатокот; сразмерно намалување на продажната цена; замена на производот со соодветен производ со иста трговска марка, тип, индустриски дизајн или ознака за потекло и географска ознака на производот; замена на производот со соодветен производ со друга трговска марка, тип, индустриски дизајн или ознака за потекло и географска ознака на производот со соодветно намалување или зголемување на производната цена и раскинување на договорот, враќање на платениот износ и надомест за претрпената штета. 

Ова е утврдено со Законот за заштита на потрошувачите.

4011 comments

Leave a comment