Вчера, во ЕУ Инфо Центарот, во рамките на Националната Кампања „365 работнички права за младите“ се организираше панел дискусија на тема „Колку се почитуваат работничките права на младите?”

 

На настанот претставници на институции, граѓански организации, бизнис сектор и млади дискутираа за моменталните состојби и текови за почитувањето на работничките права со фокус на младите работници. Воедно на панел дискусијата беа презентирани наодите од анкетата „Колку младите ги познаваат своите работнички права“.

– Состојбата во која се наоѓаат младите вработени во Македонија е загрижувачка, односно загрижува фактот на непочитување на нивните работнички права. Резултатите од онлајн истражувањето спроведено од 15 јануари досега укажува дека 75 проценти од вкупно анкетираните 1.239 испитаници сметаат дека работничките права се напишани само на хартија, а 57 проценти се плашат да пријават било какво прекршување од две причини – за да не бидат избркани од работа и поради тоа што сите останати вработени молчат. Овие факти покажуваат дека состојбата со вработените млади луѓе во Македонија е загрижувачка и она што треба да се направи е системско решение преку кое ќе се заштитат работничките права и работодавачите ќе бидат помотивирани да го отворат процесот и да ги едуцираат идните вработени во однос на нивните права кои им се загарантирани со законот, изјави извршниот директор на Коалицијата СЕГА, Зоран Илиески.

„Државниот Инспекторат за Труд врши над 30.000 инспекциски надзори на годишно ниво во врска со остварување на правата на работниците од работните односи, безбедност и здравје при работа. Инспекторатот во континуитет врши надзор на работата и придонесува кон подобрување на социјално економски паралели во државата. Преку оваа кампања Државниот Инспекторат за Труд ќе делува на информирање и запознавање на младите со честите случаи со кои се соочуваат младите работници.“– вели г-дин Алјадин Хавзиу, Директор на ДИТ.

„Правата на младите се кршат фрапантно од таа причина се залагавме за спроведување на кампањата 365 работнички права за млади во партнерство со невладиниот сектор и со институциите. Ги покануваме младите по активно да се вклучуваат во синдикатите со цел поголемо информирање и гарантирање на нивните работнички права“- изјави г-дин Благоја Ралповски, претседател на КСС.

Панелисти на настанот беа г-дин Аљајдин Хавзиу, Директор на Државен инспекторат за труд; г-ѓа Александра Дичевска, претставник на Агенција за млади и спорт; г-дин Благоја Ралповски, Директор на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија; г-дин Емил Крстановски, Национален Координатор на Меѓународна организација на труд во Македонија; г-ѓа Анета Баснарков, Адвокат; г-дин Марјан Алексовски, Директор на Факултети.мк.

Од 01 јануари 2018 година, Коалиција на младински организации СЕГА, преку Младинските Информативни Центри ИНФО СЕГА од Прилеп и Кавадарци, и во соработка со Факултети.мк и Конфедерација на Слободни Синдикати на Македонија ја отпочнаа Националната кампања „365 работнички права за младите“. Целта на кампањата е да се подигне свеста кај младите за нивните работнички права кои им се загарантирани во согласност со Законот за работни односи.

Овој настан е поддржан од Mеѓународната организација на трудот (International Labor organization).

 

Кампањата „365 работнички права на младите” се спроведува со поддршка на Програмата за децентрализирана соработка помеѓу регионот Нормандија и Македонија, Државниот Инспекторат за Труд и Агенција за млади и спорт на Република Македонија.

Партнери на кампањата: Младински Совет Прилеп, Волонтерски центар Скопје, Рурална коалиција, Кул младина Штип, Центар за економски анализи ЦЕА, Мрежа за поддршка на претприемачи, Здружение за мултикултурна интеграција Инклузија, Форум 16, МИРР, Рома Прогрес, Граѓанска иницијатива на жени и Еколоџик.

Leave a comment