На 31 јануари во Струмица започна обука на тема „Права на младите на работното место – пристојна работа за младите луѓе“ која ќе трае до 02 февруари и е организирана од Меѓународната организација на трудот (ILO) и Коалиција на младински организации СЕГА. 

 

Обуката ја спроведува Александар Ристовски, професор на правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје кој е експерт од областа на работничките права.

Темите на оваа обука се: млади работници и пазар на труд, флексибилност и променливост на пазарот на труд, основни принципи и права на работа, пристојна работа, права и одговорности на работното место, договори за вработување, услови за работа и многу други кои имаат за цел подигнување на свеста на младите луѓе за нивните права на работното место, односно информирање и запознавање на младите работници со нивните основни права на работното место. 

Учество на оваа обука зедоа околу 25 млади, претставници на институции, претставници на синдикати и граѓански организации од цела Македонија.

Оваа обука е дел од Националната кампања „365 работнички права за млади“ која ја започнаа Младинските Информативни и Советодавни Центри ИНФО СЕГА од Прилеп и Кавадарци во соработка со Факултети.мк и Конфедерација на Слободни Синдикати на Македонија.

Кампањата има за цел да ја подигне свеста кај младите за нивните работнички права. Преку активностите на кампањата ќе се делува кон зголемување на свеста на младите луѓе да разберат дека имаат права на работното место на кој начин, каде и како да се информираат за нив.

 

Кампањата „365 работнички права за младите“ се спроведува до поддршка на програмата за децентрализирана соработка помеѓу регионот Нормандија и Македонија, Агенција за млади и спорт на Република Македонија и Државниот Инспекторат за Труд.

 

Партнери на кампањата: Младински Совет Прилеп, Волонтерски центар Скопје, Рурална коалиција, Кул младина Штип, Центар за економски анализи ЦЕА, Мрежа за поддршка на претприемачи, Здружение за мултикултурна интеграција Инклузија, Форум 16, МИРР, Рома Прогрес, Граѓанска иницијатива на жени и Еколоџик. 

Leave a comment