Eкипата на Победа трета година во серија ќе биде дел од прволигашкото првенство во фудбал, што секако претставува успех бидејќи се само 10 тима.

 

 

Во првата сезона беше освоено седмото место, а минатата година осмото со обезбеден опстанок низ бараж, па претпоставуваме дека претстојна цел ќе им биде подобар пласман од претходните две. За успех може да се смета се што е подобро од претходниот пласман. Можеби се посакува и излез во Европа, но кон таа цел треба да се оди чекор по чекор. Реално, ако се земат предвид буџетите, има други фаворити пред да почне првенството. За Победа има еден голем проблем а тоа е што сеуште немаат стадион за нивните тренинзи, како и за настапи пред прилепската публика. Без ниеден меч пред своите гледачи тешко е и ќе претставува предизвик да се стигне до некоја од првите три позиции.

Добро е тоа што клубот поставува повисоки цели и си поставува постојано нови предизвици. Бројката од 11 нови играчи зборува дека летото е максимално искористено и се подготвени да го дочекаат есенскиот старт. Конкуренцијата во тимот ја засилуваат: голманот Манчевски (Локомотива), бранителите Драгарски (Пелистер), Тимовски (Силекс), за врска - Мустафов (Албанија), Маркоски (Пелистер), Танушев (Силекс), Шопоски (Тиквеш), напаѓачите Нигериецот Нвабуезе (Словенија), Каланоски (Струга), Ефтимов (Брегалница Ш) и Мандиќ (Србија). Стручниот тим предводен од Тони Мегленски имаше можност да го подготвува тимот месец иполовина, низ седум пријателски средби. На последниот тест со Пелистер во Битола, беше прикажана најдобрата игра и беше постигната победа од 0-2 со головите на Ефтимов.

Во неделата беше првиот меч со Беласица, на стадионот во Битола, каде Победа си замина како победник со резултат 1-0. Понатаму, Победа ќе игра на гости со Шкупи, Силекс, Шкендија и Македонија ЃП, а дома со Работнички, Ренова, Академија Пандев и Вардар.

 

 

Извор: zenitprilep.com.mk

 

Leave a comment