Во среда 3 октомври 2018 во 12:30 часот во галеријата од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложба на графики од уметникот Симона Јакимовска, која ќе се претстави со 25 дела.

 

Текст за изложбата од Роберт Цветковски, историчар на уметноста:

Претставувањето на еден млад уметник кој допрва ги вградува своите постигнувања во комлексот наречен македонската уметничка сцена, е задача којашто се реализира со задоволство,  пред сè, поради фактот утврден во изминатите години а тоа е потребата од внесување на еден нов дух, пристап и енергија во креирањето на графичко-цртачкото творештво, со што би се доближиле до актуелните случувања во регионот од оваа област. Новите пристапи  генерирани од влијанието на дигиталните технологии направија сериозни поместувања во однос на графичко-цртачката продукција во која, во голема мерка, се користи компјутерот како алатка за финална реализација на проектираните дела. Но, скратеното време и прецизноста некогаш придонесуваат делата изработени на овој начин да ја изгубат својата суштина и оригиналност и да станат еден вид индустриски мултипликат којшто тешко може да се издиференцира од мноштвото слични креации.

Оттука, и понатаму на “цена“ се оние уметници коишто ги владеат традиционалните графичко-цртачки техники и кои во своите дела можат да остават “траги од душата“ користејќи ја непосредноста и искреноста (на техничко ниво) како елементи што овозможуваат имагинативното да се материјализира директно од раката на уметникот. А, кога сме кај владеењето на  традиционалните графичко-цртачки техники, со право можеме да констатираме дека Симона Јакимовска е претставник на младата генерација ликовни творци, којашто многу вложила во својата едукација и како резултат на тие напори ја има слободата на избор на широк спектар на техники во кои може да ги изрази своите идеи. Благодарение на своето непосредно опкружување но и искуствата од партиципирање во работата на повеќе ликовни проекти и групни изложби, како и на континуираното себенадградување коешто сè уште трае, реализираните трудови на Симона Јакимовска делуваат како изведби направени без некој посебен напор и кои, трансферирани од  специфичните творечки замисли на авторката, се впиваат во графичките листови за да бидат сведоштво на инвенцијата и инспирацијата на една младешка енергија и дух - денес многу потребни  елементи на заспаната македонска ликовна сцена.

Изложбата содржи графики и цртежи работени во периодот од последните неколку години и ја отсликуваат моменталната тематско-техничка окупираност на Симона Јакимовска. Од приложеното на прв поглед можеме да констатираме хетерогеност во тематско-изразна смисла, што говори дека процесот на интроспекција и себепозиционирање е во тек што, пак, е вообичаено за млад автор којшто трага по својот ликовен израз. Она што е константа кај Симона Јакимовска е нејзиното разбирање на веќе усвоениот графички јазик којшто се изразува преку линии, точки, боени површини, “објекти“ ставени во определени композициско-просторни контексти и сето тоа заедно се дава, навидум, како една апстрактна претстава којашто добива смисла и логика со самиот наслов на делото. Тука се и препознатливите знаци во темата “Infiniti“ а во темата “Зелена бесконечност“ се јавува и асоцијативно- фигуративна претстава (стилизирана животинска глава) како асоцијација на поврзаноста на животот со движењето и вечната промена. Интересна е и темата “Поврзување“ којашто на многу едноставен и директен начин асоцира на денешните модерни технологии преку кои светот денеска е поврзан и е одличен пример за моќта на графичкото изразување кое истовремено може да биде апстрактно, деконструирано и редуцирано до максимални можни граници, но и многу разбирливо. Можеби и вредностите на овие материјали лежат во нивото на читливост, позиционирано за просечниот консумент којшто најдобро ги разбира универзалните знаци и симболи - пристап којшто се чувствува во скоро сите дела на Симона Јакимовска. Она што излегува од овој концепт е, секако, делото “Вилинско коњче“: една експресивна дијагонала изведена во акварелен манир, во која можеме да ја почувствуваме енергијата на младата авторка. Таа тенденција се забележува и во најновите дела од темата “Движење“ (дела работени со туш и акрил на Fabriano хартија) во коишто прецизните енергични движења на потезот креираат илузија на трансфер на енергија и експлицитно движење на понудените елементи во вид на линиски, полукружни и кружни ентитети отсечени од интегрираниот и многу сложен творечки универзум, но и од оној реалниот со којшто сме постојано опкружени. И, ако кај цртежите забележувавме желба за експеримент и истражување, кај графичките трудови констатираме дека Симона Јакимовска е на свој терен - темелност, доследност, концепт и беспрекорна техничка изведба се карактеристиките на овие изведби. Носечките елементи: линии, куполи, кругови, рамки, се вкомпонирани до таа мера што гледачот ги перципира како софистицирани композиции кои во потполност одговараат на зададената тема и бариерата на апстрактното ја прават невидлива, а идејата јасна и конкретна. Затоа Симона Јакимовска ќе ја вброиме во групата на перспективни млади автори чиешто време на македонската ликовна сцена допрва доаѓа.

Leave a comment