Симона Николова има 24 години, своето образование го надоградува во Софија и се стекнува со диплома магистер по полимерно инжинерство (технолог за гума). Денес работи на својата струка, инжинер-млад менаџер во сопствената фирма „Техно Гума“.

 

Инфо Клуб Штип: За почеток ти благодарам што успеа да одвоиш дел од твоето време и покрај сите твои обврски.

Симона: Мило ми е што и младите сака некој да ги слушне и ви благодарам што дојдовте на кафе-муабет.

Инфо Клуб Штип: Најпрво да те прашам како се одлучи да градиш кариера во оваа област?

Симона: Бизнисот е почнат од моите родители уште во 1988. Моето детство го поминав во нашата фирма „Техно Гума“ и секогаш бев љубопитна да научам нешто повеќе за производството и натаму го насочив моето образование, за разлика од мојот брат кој сепак го одбра фудбалот како професија.

                                                        

Инфо Клуб Штип: Што е најважно за успешност и трајност во бизнисот?

Симона: Освен тоа што е останато како главни принципи на работа, упорност, дисциплина, организираност, прилагодливост, денес, многу е важно да се развиваш правилно и да бидеш уникатен. Токму мојата иновативност беше пресудна да ми одобрат два проекта.

Инфо Клуб Штип: Како се одвиваше и колку време траеше процедурата за подготовка и одобрување на проектните апликации?

Симона:Едниот проект ми беше одобрен од Фонд за иновации. Целиот процес траеше околу еден месец, тоа вклучуваше детално истражување на македонскиот производствен пазар. Тргнав од два аспекти, што фали во производството и каде би можела да го пласирам производот. Како резултат на истажувањата се покажа дека манжетни за полу-оска не се произведуваат кај нас. Поради презаситеност на пазарот, одлучив производот да биде пласиран надвор од Македонија. Освен истражувањата на пазарот, барав и понуди за машини за производство, како и комплетна лабораториска опрема за контрола на квалитетот. Исто така, за рецептурниот состав на производот имав соработка и со стручни лица надвор од Македонија. По сите добиени резултати го креирав и буџетот и со комплетен проект аплицирав во Фонд за иновации.

Инфо Клуб Штип: Делува мотивирачки кога ќе слушнеш дека макотрпната работа се исплаќа и сигурно тоа е поттик за понатамошно напредување и усовршување.

Симона:Да, тоа ме поттикна и понатаму да работам и на нови проекти. АМС ми одобри грант за производство на гуми за бришење кои исто така во Македонија никој не ги произведува.

Со овие два проекти се отворија и нови можности за вработување.

Во меѓувреме спремам уште еден проект за стартап, па кога ќе заврши процедурата, ве поканувам на уште по едно кафе.

Инфо Клуб Штип: Кои се лесните, а кои тешките работи во бизнис идеите?

Симона:Како најважна, најпрво е идејата, можам да кажам дека полесниот дел е подготовката на проектот, т.е пишувањето, а нормално реализацијата секогаш е потешка и подолгорочна. Сепак, на крајот од денот кога сфаќаш дека имаш сопствен резултат, тешкотијата ти е само предизвик.

Инфо Клуб Штип: За крај, една порака до младите

Симона:Бизнис идеите се секогаш околу нас. Треба само да знаеме да ги препознаеме. На пример, додека седиме на кафе насекаде околу нас има цевки на масите, а верувам дека ретко кој знае- во Македонија никој не произведува цевки, еве идеја за бизнис почеток.

Инфо Клуб Штип: Благодарам за одвоеното време, ти посакувам успешна работа и се надевам твојата упорност и истрајност ќе биде една порака до сите млади дека кога се сака нешто, со труд и ќе се оствари. До следното видување.

Leave a comment