Министерството за образование и наука за академската 2018/2019 година ќе додели стипендии за академски студии од трет циклус за студенти примени на академски студии од трет циклус, на еден од првите десет рангирани универзитети од сите области, односно на еден од првите сто рангирани универзитети на последната објавена листа на Центарот за универзитети од светска класа при Шангајскиот Џио Тонг универзитет од областа на техничките науки, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното право, економијата и финансиите, физиката, биологијата, хемијата и генетиката.

 

1.    Услови за доделување на стипедија:

Право на стипендија има кандидатот кој ги исполнува следните услови:

-        Кандидатот да е примен на академски студии од трет циклус прв пат во прва година во академската 2018/2019 година на еден од првите десет рангирани универзитети од сите области, односно на еден од првите сто рангирани универзитети на последната објавена листа на Центарот за универзитети од светска класа при Шангајскиот Џио Тонг универзитет од областа на техничките науки, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното право, економијата и финасиите, физиката, биологијата, хемијата и генетиката;

-        Кандидатот да има завршено втор циклус универзитетски академски студии чие вкупно времетраење со првиот циклус не е пократко од пет години и има постигнат просечен успех од најмалку 8,5 посебно за првиот и вториот циклус на студии или да има нострифицирано диплома за академски студии од втор циклус стекнати во странство со остварен еквивалентен просечен успех од најмалку 8,50;

-        Кандидатот да има објавени најмалку 3 (три) научно-истражувачки труда во последните три години, во меѓународни научни списанија или меѓународни научни публикации од научната област на која се однесуваат докторските студии;

-        Кандидатот да има уверение-потврда за активно познавање на странски јазик (TOEFL, IELTS, DELFT или нивен еквивалент за соодветното јазично подрачје), освен за кандидатите кои своето претходно академско образование го завршиле на јазикот на кој се изведува наставата;

-        Да има работно искуство од најмалку 2 (две) години во научно - истражувачка или високообразовна установа или стопанството, на работни задачи поврзани со научната област на студиите од првиот и вториот циклус на студии;

-        Да има барем 2 препораки од универзитетски професори, или работодавач (доколку е во работен однос);

-        Да не е корисник на стипендија од други  даватели;

-        Да е државјанин на Република Македонија;

-        Кандидатите кои аплицираат за докторски студии да не бидат постари од 35 години.

2.    Потребни документи:

-        Пријава

-        Потврда од Универзитетот (Факултетот/Институтот) односно докторската школа на кој е примен на трет циклус (докторски)  студии;

-        Уверение/Диплома за завршен I (прв) и II(втор) циклус на студии;

-        Копија од 3 (три) научно-истражувачки труда објавени во последните три години, во меѓународни научни списанија или меѓународни научни публикации од научната област на која се однесуваат докторските студии;

-        Уверение-потврда за активно познавање на странски јазик (TOEFL, IELTS, DELFT или нивен еквивалент за соодветното јазично подрачје), освен за кандидатите кои своето претходно академско образование го завршиле на јазикот на кој се изведува наставата

-        Доказ - потврда издадена од работодавач за работно искуство;

-        Две препораки од универзитетски професори, или работодавач (доколку е во работен однос);

-        Изјава заверена на нотар дека кандидатот не е корисник на стипендија од други даватели;

-        Уверение за државјанство;

-        Извод од матична книга на родените.

Документите кои се издаваат од институции од другите земји потребно е да бидат преведени на македонски јазик од соодветен овластен судски преведувач.

Потребните документи за доделување на стипендиите за академските студии од втор циклус може да се доставуваат во оригинал или копии заверени на нотар.

Уверението за државјанство на Република Македонија и изводот од матична книга на родените, Министерството за образование и наука по службена должност го обезбедува од надлежниот јавен орган, согласно член 52, став 13 од Законот за научно-истражувачка дејност.

3.    Висина на стипендија:

На корисникот на стипендија му се надоместуваат трошоците за уписнина во висина од најмногу 40.000 УСА долари годишно, исплатени во соодветна валута, според средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на објавувањето на овој конкурс, еден авионски билет на почетокот на студиите, еден авионски билет по завршување на студиите или еден повратен авионски билет, додека месечна стипендија се исплаќа согласно Решението за утврдување на начинот на пресметка на трошоците за месечна стипендија на студенти кои студираат во странство за академската 2018/2019 година (врз основа на Листата на индекси на малопродажни цени за животни трошоци, која е објавена од надлежните органи на Организацијата на Обединетите Нации).       

Секој износ над горенаведената сума за уписнина е на товар на студентот.

4.    Обврски на избраните кандидати

-        Избраниот кандидат со договор се обврзува дека доколку ја добие стипендијата по завршувањето на студиите ќе се врати во Република Македонија, и за секоја помината година на студии во странство ќе работи две години на високообразовните или научно-истражувачките установи во Република Македонија односно во јавниот или приватниот сектор при што неговата работна позиција ќе биде соодветна на видот и степенот на неговите стекнати научни квалификации.

-        Во случај кандидатот да одлучи по завршувањето на студиите, да не се врати во Република Македонија и за секоја помината година на студии во странство да работи две години на високообразовните или научно-истражувачките установи во Република Македонија, потребно е да ги врати сите исплатени средства, доделени за стипендијата, во износ десет пати поголем од износот на стипендијата, најдоцна во рок од една година од завршувањето на студиите.

5.    Начин и рок на пријавување:

Рокот за пријавување на кандидатите за користење на академски стипендии за студии од трет циклус во странство е најдоцна до 01.09.2018 година.

Документите да се достават на адреса или во писарницата на Министерството за образование и наука ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје (со назнака стипендии за академски студии од трет циклус во странство).

Некомплетните документи и документите доставени по крајниот рок нема да се разгледуваат.

Информации за условите и критериумите под кои ќе се доделуваат стипендиите можат да се добијат во Министерството за образование и наука.

Leave a comment