Прилепчанецот Александар Стојкоски, придружуван од уште други 3 прилепчани, Александар Еленин, Филип Туманоски и Антонио Каранфилоски направија неверојатен потфат во планинското трчање во Македонија искачувајќи се на 23 врвови на Баба планина повисоки од 2.000 метри за само 19 часа, притоа поминувајќи 85 км. Целата дестинација ја трчал Стојкоски, чија што била и првичната идеја за овој проект насловен како „Баба 2К“, додека другите трчале само делови од рутата. Подготовките траеле околу 3 недели, a дел од рутата се трчалa и ноќе.

 

„Баба планина е една од најтехничките планини во Македонија, скоро сите врвови се камењари, камењарски врвови. Имаше периоди каде што навистина беше тешко, имаше 2-3 пунктови, каде што направивме паузи по 10-15 минути за да земеме храна и вода и тоа беше тоа. Мене најтешко ми беше можеби тој дел на врвот Скрково кога се качував и назад на врвот Муза“, изјави Александар Стојкоски, учесник и креатор на проектот „Баба 2К“.

Овој потфат претставувал вистинска револуција во планинското трчање во Македонија.

„Најголем предизвик не беше физичката спремност и кондиција туку беа залихите за вода. Од последната окрепна станица до самиот финиш немавме чешми по патот и мораше паметно и практично да се користат залихите кои ги имавме“, рече Александар Еленин, учесник и креатор на проектот „Баба 2К“.

Како логистика биле уште 4 прилепчани кои на повеќе пунктови им давале вода и храна на оние кои трчале.

„Можеби ќе треба 20 км. да истрчаш и да испланинариш до местото, до точката, после тоа треба да се дислоцираш на друга точка, што значи и ние на некој начин трчавме илии планинаревме“,вели Мери Мирческа, логистика на проектот.

Се надеваат дека проектот на Баба во иднина би можел да стане и традиционална трка.

„Јас поминав само еден дел од патеката, околу 37 км. со 2.000 метри искачени, моја желба е целосно да ја поминам целата патека“,кажа Антонио Каранфилоски, учесник во проектот „Баба 2К“.

За во иднина имаат повеќе идеи за реализација, меѓу кои и трчање на дестинацијата Прилеп-Скопје преку Солунска глава.

Извор на вест: infokompas.com.mk

Leave a comment