Министерството за образование и наука за учебната 2018/2019 година ќе додели 80 (осумдесет) стипендии за талентирани ученици-спортисти од јавните и приватните средни училишта во Република Македонија.

 

I. УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА

Право на стипендија имаат кандидатите кои учат во јавните и приватните средни училишта во Република Македонија, а ги исполнуваат следните услови:

1. да се редовни ученици од I година, кои во текот на претходните две учебни освоиле најмалку две награди за освоено I или II место на меѓународен натпревар или на државен натпревар од областа на спортот организирани од национални спортски федерации кои имаат решение за вршење на дејноста спорт издадено од Агенција за млади и спорт;

2. да се редовни ученици од II, III и IV година, кои во текот на претходната учебна година освоиле награда за освоено I или II место на меѓународен натпревар или на државен натпревар од областа на спортот организирани од национални спортски федерации кои имаат решение за вршење на дејноста спорт издадено од Агенција за млади и спорт;

3. да имаат постигнат просечен успех од најмалку 4,00 во досегашното образование;

4. да не повторувале година во текот на образованието;

5. да не се корисници на стипендија од други институции или фирми;

6. да се државјани на Република Македонија.

Критериуми за доделување на стипендиите се континуирано остварен просечен успех од најмалку 4,00 и освоените награди на државни или меѓународни натпревари од областа на спортот (поединечни или екипни), при што за критериумот остварен просечен успех може да се добие најмногу до 40 бодови, а од освоените награди најмногу до 60 бодови.

При утврдување на вкупните бодови од освоените награди за ученици од I година ќе се вреднуваат двете највисоко рангирани-освоени награди, а за учениците од II, III и IV година ќе се вреднува само една највисоко рангирана-освоена награда.

Дополнителни 10 бодови ќе добијат учениците кои ќе достават повеќе од предвидените награди/дипломи, а се од ист вид на спорт.

За награди освоени на државен натпревар од областа на спортот ќе се признаваат само награди освоени на натпревари организирани од национални спортски федерации кои имаат решение за вршење на дејноста спорт издадено од Агенција за млади и спорт, а не од спортски клубови, здруженија и сл.

II. НАЧИН И РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ

Учениците кои се пријавуваат по конкурсот, треба да пополнат електронска пријава поставена на интернет порталот http://konkursi.mon.gov.mk, почнувајќи од 15.10.2018 до 26.10.2018 година.

Пред започнување со електронското пријавување, задолжително да ги комплетирате сите потребни документи од точка III на овој Конкурс.

III. МЕСТО И РОК ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НА ДОКУМЕНТИ

Учениците, кои се пријавиле електронски на конкурсот, до Министерството за образование и наука на ул. Св. Кирил и Методиј бр. 54, Скопје, од 15.10.2018 до 26.10.2018 година, од 09-15 часот, ги доставуваат следните документи:

1. Евидентен лист;

2. Потврда дека е редовен ученик во учебната 2018/2019 година;

3. Идентификационен број од успешно пополнета електронската пријава;

4. Заверени на нотар фотокопии од свидетелствата за завршени претходни години на образованието (кандидатите од I година доставуваат свидетелства од VI-IX одделение);

5. Заверени на нотар фотокопии од дипломи за освоени награди на државни и/или меѓународни натпревари;

6. Изјава потпишана од родител-старател дека кандидатот не е корисник на друга стипендија, објавена на следниот линк;

7. Изјава потпишана од родител-старател дека доставените документи се вистинити и податоците во нив се идентични со оние податоци внесени во електронската пријава;

Министерството за образование и наука по службен пат, согласно Правилникот за образецот на барањето за сместување во ученички дом и образецот на барањето за доделување стипендија, со потребната документација („Службен весник на Република Македонија” бр.189/16), ќе го обезбеди следниот документ:

-уверение за државјанство на Република Македонија од Министерството за внатрешни работи.

Наградите-дипломите каде што нема прецизно утврдено освоено место, односно награди-дипломи и пофалници за учество на натпревари без освоено место, наградите-дипломите кои не се освоени во претходните две учебни години за учениците од I година, или во претходната учебна година кај учениците од II, III и IV година нема да се земат во предвид.

Кандидатите нема да бидат рангирани ако доставената документација е:

-некомплетна и/или

-ненавремено доставена.

Кандидатите нема да бидат рангирани ако Комисијата утврди дека податоците кои се внесени во електронската пријава не се идентични со податоците од доставената документација.

Комисијата може да утврди дополнителни критериуми доколку има повеќе кандидати со ист број на бодови.

Списокот со избраните кандидати ќе бидe објавен на 30.11.2018 година на интернет страницата на Министерството.

Се задолжуваат сите добитници на стипендии по објавувањето на списокот, а најдоцна до 25 декември 2018 година да го потпишат договорот за стипендија со Министерството за образование. Сите кандидати кои нема да го почитуваат овој рок ќе се смета дека се откажуваат од стипендијата.

IV. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈАТА

Висината на стипендијата ќе изнесува 2.970,00 денари месечно за девет месеци во текот на учебната година.

Потребната попратна документација може да се добие во Министерството за образование и наука или на интернет страницата на Министерството  (www.mon.gov.mk)

Leave a comment