Министерството за образование и наука ќе додели до 15 стипендии за ученици од средно образование кои реализираат наставни програми од угостителско - туристичката струка во Република Македонија за учебната 2018/2019 година.

 

I. УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА

Право на стипендија имаат кандидатите кои учат во јавните и приватните средни училишта во Република Македонија и ги исполнуваат следните услови:

1. да се редовни ученици од средно образование кои реализираат наставни програми од угостителско - туристичката струка во Република Македонија,

2. да освоиле најмалку една награда за I, II или III место на меѓународен натпревар или на државен натпревар од областа на угостителството и/или туризмот;

3. да имаат постигнато минимум континуиран успех од 3,50 во досегашното образование;

4. да не повторувале година во текот на образованието;

5. да не се корисници на стипендија од други институции или фирми и

6. да се државјани на Република Македонија.

Критериум за доделување на стипендиите се:

- освоена една највисока награда на државен или меѓународен натпревар, при што ученикот може да добие најмногу 50 бодови,

- за секоја дополнително доставена награда-диплома од областа на угостителството и/или туризмот се добиваат дополнителни бодови,

- постигнатиот успех од досегашното образование, при што ученикот може да добие најмногу 50 бодови.

При утврдување на вкупните бодови од освоените награди за ученици ќе се вреднува една највисоко рангирана - освоена награда. За освоено прво место на меѓународен натпревар ученикот може да добие најмногу 50 бодови, а за освоено прво место на државен натпревар ученикот може да добие најмногу 25 бодови.

За секоја дополнително доставена награда-диплома од областа на угостителството и/или туризмот се добиваат дополнителни бодови.

Под меѓународен натпревар се подразбира меѓусебен натпревар помеѓу ученици од најмалку десет различни држави.

Комисијата може да утврди дополнителни критериуми доколку има повеќе кандидати со ист број на бодови.

II. НАЧИН И РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ

Учениците кои се пријавуваат по конкурсот, треба да пополнат електронска пријава поставена на интернет порталот http://konkursi.mon.gov.mk, почнувајќи од 15.10.2018 до 26.10.2018 година.

Пред започнување со електронското пријавување, задолжително да ги комплетирате сите потребни документи од точка III на овој Конкурс.

III. МЕСТО И РОК ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НА ДОКУМЕНТИ

Учениците, кои се пријавиле електронски на конкурсот, до Министерството за образование и наука на ул. Св. Кирил и Методиј бр. 54, Скопје, од 15.10.2018 до 26.10.2018 година, од 09-15 часот, ги доставуваат следните документи:

1. Евидентен лист;

2. Потврда дека е редовен ученик во учебната 2018/2019 година;

3. Идентификационен број од успешно пополнета електронската пријава

4. Заверени на нотар фотокопии од свидетелствата за завршени претходни години на образованието (кандидатите од I година доставуваат свидетелства од VI-IX одделение);

5. Заверени на нотар фотокопии од дипломи за освоени награди на државни и/или меѓународни натпревари;

6. Изјава потпишана од родител - старател дека кандидатот не е корисник на друга стипендија,  објавена на следниот линк

Министерството за образование и наука по службен пат, согласно Правилникот за образецот на барањето за сместување во ученички дом и образецот на барањето за

доделување стипендија, со потребната документација („Службен весник на Република Македонија” бр.189/16), ќе го обезбеди следниот документ:

-уверение за државјанство на Република Македонија од Министерството за внатрешни работи.

Наградите-дипломите каде што нема прецизно утврдено освоено место на државни или меѓународни натпревари, односно награди и пофалници за учество на натпревари без освоено место, нема да се земат во предвид.

Кандидатите нема да бидат рангирани ако доставената документација е:

-некомплетна и/или

-ненавремено доставена.

Кандидатите нема да бидат рангирани ако Комисијата утврди дека податоците кои се внесени во електронската пријава не се идентични со податоците од доставената документација.

Списокот со избраните кандидати ќе бидe објавен на 30.11.2018 година на интернет страницата на Министерството.

Се задолжуваат сите добитници на стипендии по објавувањето на списокот, а најдоцна до 25 декември 2018 година да го потпишат договорот за стипендија со Министерството за образование. Сите кандидати кои нема да го почитуваат овој рок ќе се смета дека се откажуваат од стипендијата.

IV. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈАТА

Висината на стипендијата ќе изнесува 2.200,00 денари месечно за девет месеци во текот на учебната година.

Потребната попратна документација може да се добие во Министерството за образование и наука или на интернет страницата на Министерството  (www.mon.gov.mk)

Leave a comment