На 06 мај 2019 година во Националната галерија на Македонија – Мала станица ќе бидат изложени фотографии како дел од магистерскиот труд на Соња Ставрова на тема „Цензура“, што воедно е нејзина прва самостојна изложба.

 

 

Соња Ставрова од Кавадарци е студент на магистерски студии на катедрата по фотографија на факултетот за Ауриовизуелни уметности ЕФТА, во класата на проф. М-р Роберт Јанкулоски и доцент М-р Елена Бојаџиева.
Во своето уметничко творештво фотографијата ја користи како медиум преку кој истражува општествени теми и актуелни глобални и локални случувања. Како најчест израз ја користи концептуалната фотографија и симболизмот.
Во 2018 година го освои второто место во категорија акт на интернационалниот фестивал за фотографија Rovinj photo days, во Ровињ, Хрватска. Нејзините фотографии биле дел од повеќе групни изложби: F8 (Скопје 2019), Идентитет (Дортмунд, 2018), Rovinj photo days (Загреб, Ровињ), Идентитет (Скопје, 2018), Фото Софија 13 (Загреб, 2018), Млади ликовни уметници од Кавадарци и нивни гости (Кавадарци, 2014 и 2017), Скопје Креатива (Скопје, 2017), Времеграфии (Скопје, 2017), Теми од мојата земја Македонија (Скопје, 2018), Влажен колодиумски процес (Скопје, 2018), Фотон (Кавадарци, 2013)

                                                                                                                        
ЦЕНЗУРА
Фундаменталното човеково право слобода на говор и изразување мислење има суштинска улога во остварување и заштита на другите права. Слободата на говор e инхерентно човеково право јавно да се искаже своето мислење без страв од цензура или казна. Сепак, степенот до кој во практика се гарантира ова право, варира во голема мера од една нација во друга.
Цензурата како забрана и стега отвара простор за творење кој постојано пркоси на контролата. Секое излегување надвор од границите нè носи во полето на креативноста каде се создаваат нови дела кои стремат кон нивна валоризација. Говорот на омраза и стигматизација коишто ги туркаат жртвите на маргините, во исто време им даваат крилја кои се широко раширени во уметничката творба. Ракмите на фотографијата стануваат нивно ново ограничување, а во истовреме нивни влез во видливоста. Сведоштвото за присуството на цензорот отвара нови хоризонти и дава сила за излез од неслободата. Без цензура борбата за слобода е завршена.

Leave a comment