Министерката за образование и наука д-р Рената Дескоска и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски, го презентираа Јавниот повик за финансирање на научно-истражувачки проекти во основните и средните училишта „Предизвик за млади истражувачи“. 

Согласно Јавниот повик, научно-истражувачките проекти треба да бидат од областите на природните и техничките науки, а процесот на истражување треба да се основа на „научен метод“, односно да вклучува формулација, тестирање и потврда/модификација на хипотеза по пат на експеримент и набљудување, а предложените проекти треба да резултираат со видливи резултати и тие треба да се комплементарни на наставните програми и да соодветствуваат со когнитивните способности на возрасната група.

За најуспешните истражувачи се предвидени и награди како поттик за понатамошна успешна научна работа. Наградите се поделени во две категории, односно категорија 1: Научно-истражувачки проекти во основното образование и категорија 2: Научно-истражувачки проекти во средното образование. Буџетот на поединечен предлог проект не може да надминува 300 000,00 (триста илјади) денари.

На Јавниот повик можат да се пријават сите основни и средни училишта од Република Македонија, при што секој натпреварувач треба да се пријави со натпреварувачки тим кој се состои од: еден до два наставника, како лидери на проектот и три до седум ученици. Предност имаат проектите со интердисциплинарен карактер, кои предвидуваат инклузивен пристап во формирањето на тимовите (имаат еднаква родова застапеност, вклучуваат деца со различна етничка припадност, деца со посебни потреби, деца од различни возрасти и слично) и се поднесени од училишта од рурални средини.

Секој предлог-проект ќе биде оценуван од Комисијата за оценување и избор, составена од претставник на Фондот за иновации и технолошки развој, претставник на Министерството за образование и наука, претставник од Бирото за развој на образованието, претставник од партнер организација и до три експерта во областа на техничкото решение (технички науки, природни науки и друго).

Детални информации може да најдете на веб страната на Министерството за Образование и Наука.

Пријавувањето на Предизвикот за млади научници трае до 15.02.2018 година.

Leave a comment